Во мултимедијалниот центар „Мала станица“ е отворена изложбата со наслов „Симфонија на бои во пентаграм“ на ликовната уметница Дренуша Палоши. Изложбата ќе биде достапна за публиката до 25 декември 2022.
Пентаграмите во сликите на Дренуша се претставени како потпорен и заштитен столб на колоритот и фракциите на добиените нијанси. Преклопувањето на боите по определен редослед создава мелодија што не е композитно комплицирана, но која визуелно се разјаснува, изразувајќи интерпретативни вештини на музикалноста и љубовта кон музиката.
– Боите се како нотите. Тие се фиксни во одреден број. Она што ги прави попродуктивни гледано од креативен аспект е нивната меѓусебна комбинација. Ова е втората способност развиена на мелодичната ткаенина на сликарката. Секоја боја комбинирана на пентаграм ги претставува кодните ноти на симфонијата, што доаѓаат од пијаното, кое е главниот елемент, создавајќи рамнотежа во формирањето на мелодијата што се манифестира визуелно, која исто така може да се доживее во внатрешноста на набљудувачот давајќи му слобода да создаде индивидуален мелодичен ритам – истакнува Енеса Мемети, професор по ликовна уметност.
Играта внатре во сликите е пријатна и многу оригинална, бидејќи е проследена со детска носталгија обвиена во љубов и спомени од часовите по пијано. Тие се претставуваат како невротични искри што имитираат нервни влакна опиени од мелодијата на спомените!
– Секоја слика е придружена со посебен облик, воден од моменталната емоција, која му дава уникатно значење! Се чини дека Дренуша природно ја претставува среќната личност, харизмата исполнета со мелодии на среќата на нејзината ткаенина. Колоритот добиен со акрилна техника зборува многу, зборува за моќната енергија што ја има сликарката, за сигурноста и експресивноста што ги разлева врз ткаенината додека се бараат формата и просторната координација на ткаенината – пишува Енеса Мемети.