Расказите се читаат помалку од романите, веројатно една од причините е што бараат поголема вклученост на читателот, истакнува Андреј Блатник

„Миг на сознание: Најпрво долго молчевме. Дури потоа почнавме да зборуваме.“
Ова е најкраткиот расказ од „Угризи“ на Андреј Блатник, еден од најпознатите и најпреведувани словенечки писатели. Пишува проза, есеи, драми, добитник е на значајни книжевни награди. Збирката раскази неодамна е објавена кај нас, во издание на издавачката куќа „Артконект“. Збирката „Угризи“ содржи педесетина прози, кои жанровски може да се определат како кратки раскази, жанр во кој Андреј Блатник е вистински мајстор на раскажувањето. Андреј Блатник во „Угризи“ пишува како зборовите ја менуваат перцепцијата, кој е највозбудливиот момент во животот на неговите ликови, какво значење има безбедниот простор, за снајперистот што цело утро гаѓа, за случајностите и за низа други случки и искуства.
Блатник ќе гостува во Скопје на промоцијата на „Угризи“, на 20 декември, во 19.30 часот, во „Филхармонија кафе-бар“. Разговорот со Андреј Блатник ќе го водат преведувачката на книгата Лидија Димковска и писателот Гоце Смилевски.
Гостувањето е реализирано како соработка помеѓу издавачката куќа „Артконект“, Јавната агенција за книга на Република Словенија и Европскиот фонд за регионален развој.

Во „Угризи“ нудите 50 кратки угризи што лесно се голтаат… Од каде ги собирате приказните?
– Силно верувам дека уметноста на фикцијата може сѐ да претвори во приказна, дури и повеќе од тоа: во добра приказна доколку писателот е добар. Некои од приказните во книгата доаѓаат од мојот реален живот, личните искуства, особено оние што ми се случиле додека сум патувал. Други произлегле од некоја реченица што сум ја прочитал во некоја книга или, пак, од филмска сцена, трети се потпираат на стереотипи од популарната култура. Всушност, не станува збор толку за тоа што навистина се случило и што ја започнало приказната, туку на кој начин таа инспирација била искористена во книжевната трансформација.

„Угризи“ се кратки приказни, со отворен крај, драма, емоции… Оставате ли читателите сами да ги завршат, по свое?
– Во многу приказни оставам повеќе од една можност по последната реченица – секој читател е слободен да избере, во рамките на одредени маргини се разбира, што ќе се случи или, во некои случаи, што навистина се случило во приказната што ја чита. Верувам дека читањето е многу креативен чин.
Кратки приказни или романи – што повеќе ја стимулира вашата креативност?
– Имам објавено пет романи и можеби околу 150 раскази, од кои повеќето во должина од една страница или помалку, понекогаш и многу помалку. Верувам дека за романот треба да имаш не само голема приказна во однос на фабулата туку да најдеш и нов пристап во начинот на раскажување на својата приказна. Мене ми е многу досадна класичната нарација каде што чекор по чекор го следиме случувањето во романот. Од друга страна, секој расказ бара сосем нов агол на пишување, најсоодветен за содржината, и тоа е многу стимулативно.

Колку драфт-верзии се потребни пред да биде приказната конечно завршена?
– Зависи од приказната. Некои беа завршени во едно пишување, буквално за неколку секунди, други ги почнав пред 20 години, ги напишав првите десет реда, ги оставив настрана две децении и потоа додадов уште десет реда и приказната беше завршена.
Вашите книги се преведени на повеќе од 30 јазици. Каков успех е тоа за вас?
– Расказите се читаат помалку од романите, веројатно една од причините е што бараат поголема вклученост на читателот. Затоа ми причинува големо задоволство што моите книги со раскази можат да ги преминат границите на мојот мал јазик и да се читаат на различни места во светот. Една од моите книги е, на пример, објавена на одија, јазик на североисточна Индија, и одлично е да се комуницира, преку социјалните мрежи, со читателите од толку различен дел на планетата, за да се види што гледаат во моите приказни.

Колку познавање имате за македонската литература? Кои автори сте ги читале/ги читате?
– Според мене, современата македонска белетристика е меѓу најдобрите во светот. Голем обожавател сум на Гоце Смилевски и Лидија Димковска. Во збирката „Модерни класици“, која ја уредувам, беа објавени Венко Андоновски и покојниот Луан Старова, уживав во Храпешко на Ермис Лафазановски и многу други писатели, меѓу кои Оливера Николова, Румена Бужаровска, Александар Прокопиев, Дејан Трајкоски и големите драматурзи Горан Стефановски и Дејан Дуковски. Сите тие се преведени, читани и почитувани во Словенија.
Што најмногу ве радува за вашиот престој во Скопје?
– Средба со стари пријатели. И запознавање нови.