Шунтаро Таникава, поет од Јапонија, е добитник на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2022 година, а наградата „Мостови на Струга“ годинава ја освои италијанскиот поет Џерардо Мазучо.
– Шунтаро Таникава е најзначајниот жив јапонски поет, чија поезија суверено патува не само низ возбудливите води на јазикот, туку и во нивната креативна преобразба во музика, филм, слика или калиграфско писмо – се наведува во образложението на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата.
Како што посочи претседателката на Управниот одбор на манифестацијата, Елизабета Шелева при денешното прогласување на лауреатите во МАНУ, Таникава е најпродуктивниот, најчитаниот, највлијателниот, најпознатиот и најиновативен поет од Јапонија, но не само меѓу живите поети, туку и пошироко, чии што дела се преведени на многу јазици во светот.
Таникава е автор е на 80 поетски збирки, за кои има добиено бројни книжевни признанија не само во Јапонија, туку и во странство.
Неговите дела се појавуваат не само во угледни книжевни списанија, туку и во школските учебници по медиумите и пошироко. Шунтаро се јавува и како автор исто така на драмски текстови, на филмски сценарија, тој е плоден есеист, самиот е преведувач, но и автор на литература за деца. Добитник е на низа престижни награди.
– Како неговите современици, така и Таникава верува дека традиционалната јапонска поезија е заробена во сенката на историската оспеднатост со минаттот, дека традиционалната јапонска култура се разградува од вербата во сопствената моќ, но затоа и се насочил токму кон западната поезија и култура – додаде Шелева.
Во своето поздравно обраќање, Шунтаро се заблагодари за почитта кон поезијата, и верува дека таа ќе послужи како „гласник која ги пренесува гласовите скриени во остареното тело“.
– Дали само јас чувствувам некаква самотија штом добијам награда или одликување? Невообичаено е чувството да се биде избран од мноштвото поети и заедно со радоста и гордоста кои ги чувствувам, бидејќи сум избран за добитник, се чувствувам и уважено меѓу моите колеги поети. Но, кога се присетувам на покојниот Макото Ока, мојот близок пријател и добитникот на оваа награда во 1996 година, самотијата ми исчезнува и неа ја заменува љубовта кон моите колеги поети и кон оние кои копнеат да постанат поети. Иако живееме во различни времиња, во различни околности и со различни мајчини јазици во ова немирно доба на нашата ранлива земја, оваа љубов постојано расте – се вели во обраќањето на Шунтаро.
Наградата „Мостови на Струга“ годинава ја доби италијанскиот поет Џерардо Мазучо. Наградата е востановена во 2004 година, а годинава се доделува по 19-ти пат.
Мазучо е роден на југот од Италија, во 1991 година. Откако ги завршил класичните студии, се преселил во Милано во 2010 година, каде што дипломирал авторски права а потоа и издаваштво на Универзитетот во Бокони.
Во 2020 ја основал и издавачката куча „Утопија“, која е насочена кон книжевна фикција, поезија и белетристика.
– Мазаучо е длабоко упатен во тајните на поетската вокација, а тоа најдобро се гледа токму од неговата поезија, која е спој на несомнена дарба и префинета вештина. Се добива чувтсво дека во неговите песни секој стих е токму на вистинското место. Иако е млад поет, неговата поезија е веќе дел на антологии, списанија, посебни веб страници, некомерцијални памфлети – рече во своето обраќање членот на Управниот одбор на манифестацијата, Владимир Мартиновски.
Првата книга на Мазучо, за која ја и добива наградата „Мостови на Струга“ е стихозбирката „Еден човек живеел тука“ и е книга со која тој стекнува критички и комеријцален успех, не само на национално, туку и на меѓународно ниво.бт/ки/