Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе“, во режија на Сузана Диневски – „Сузи кју продукција“, е награден со уште три нови награди: за најдобар краткометражен филм на тема жени на Фестивалот на независен филм во Дубаи во Обединетите Арапски Емирати, за најдобар европски краток филм на Фестивалот на краткометражни драмски филмови во Италија и за најдобра актерка во краткометражен филм (Сара Климоска) на меѓународниот филмски фестивал „Лулеа“ во Шведска.
Филмот „Шеќерни луѓе“ досега има освоено вкупно 10 награди во разни категории на повеќе меѓународни фестивали за краткометражни филмови. Наедно, филмот се прикажа и е во селекција на 32 филмски фестивала во САД, Канада, Англија, Франција, Германија, Италија, Шпанија, Австрија, Шведска, Албанија, Турција, Романија, Обединети Арапски Емирати, Парагвај, Венецуела и во Аргентина.
Инаку, ова е четврта награда за најдобра актерка за Сара Климоска за филмот „Шеќерни луѓе“. Претходно ја освои наградата за најдобра актерка на фестивал во Германија, во Италија и во Канада, каде што наградата за најдобар актер исто така ја освои и Филип Трајковиќ. Дополнително, „Шеќерни луѓе“ освои и награда за најдобар постер на „Торонто вимен филм фестивал“ во Канада (дизајнер на постерот е Коста Лазаревски) и има освоено две награди за најдобра филмска музика компонирана од Дуке Бојаџиев на фестивалите „Чикаго шортс“ во САД и „Сине парис филм фестивал“ во Франција.
Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе“ е реализиран со поддршка на Агенцијата за филм и „Сузи кју продукција“. Главните улоги ги играат Сара Климоска и Филип Трајковиќ, сценариото е на Владимир Јанковски и Сузана Диневски, директори на фотографија се Димитар Попов и Дејан Димески, монтажата е на Гоце Кралевски, дизајнер на постерот е Коста Лазаревски, трејлерот е изработен од Горан Вуќиќ, тонски дизајнер е Дарко Спасовски и музиката компонирана за филмот е на Дуке Бојаџиев.