„Македоника литера“ деновиве го објави романот „Адела“ на познатиот романски писател од 20 век – Гарабет Ибраилеану, во превод од романски јазик на Ирина Кроткова. „Адела“ е класика во романската литература и е филозофски роман во кој главен лик е љубовта. Тоа е роман за искушенијата на љубовта, за судирот меѓу разумот и чувствата, за енигмата на вечниот женски принцип, инспирирана апотеоза на животот, осмислена од љубовта.
Суштината на романот е анализата направена од четириесетгодишен човек, психолошка интроспекција што произлегува од душата на вечниот адолесцент и анимирана од духот на деликатниот интелектуалец, кој не верува во можноста за искрена љубов од жена дваесет години помлада од него.
Гарабет Ибраилеану (1871, Тргу Фрумос – 1936, Букурешт) бил романски критичар и литературен историчар, есеист, педагог, литературен уредник и романсиер. Бил меѓу највлијателните личности во романската литература во првите децении на 20 век, теоретичар, промотор на научната литературна критика, литературен креатор, професор по историја на романската литература на Универзитетот во Јаши и главен уредник на списанието „Романски живот“ меѓу 1906 и 1930 година.
За „Адела“ ја добил националната награда за проза. „Адела“ е најзначајното дело на Гарабет Ибраилеану, кое се вбројува меѓу истакнатите дела на романските романсиери од периодот меѓу двете светски војни, познат како златната доба на романската литература. Романот се појавил во мај 1933 година и е единственото белетристичко дело напишано од романскиот критичар и теоретичар, кое му ја донесе, таа година, првата национална награда за проза.
„Адела“ е првото дело на Ибраилеану преведено на македонски јазик.