Трагите од древната ДНК содржани во стари коски откриваат фасцинантни тајни за минатото. Извлекувањето на генетскиот материјал вклучува одредено количество на оштетување на предметниот објект, а многу археолози не сакаат да им ги предадат своите најскапоцени наоди на лабораториите за ДНК.
Сега научниците пронајдоа начин да извлечат ДНК на неинвазивен начин, применувајќи нова пионерска техника на продупчен заб од елен, кој најверојатно се носел како приврзок. Истражувањето, објавено неодамна во списанието „Нејчр“, откри интригантни детали за неговиот древен носител и е првпат научниците успешно да изолираат античка човечка ДНК од артефакт од камената доба.
Ископан од пештерата Денисова во јужен Сибир, приврзокот го носела жена што живеела пред 19.000-25.000 години, според анализата на човечкиот генетски материјал зачуван на приврзокот. Таа припаѓала на групата позната како антички северноевроазијци, кои се генетски поврзани со првите Американци. Човечката ДНК веројатно е зачувана во приврзокот од коските на елен бидејќи е порозен и затоа е поверојатно да го задржи генетскиот материјал присутен во клетките на кожата, потта и другите телесни течности.
Студијата за приврзоците, меѓутоа, во суштина е доказ за концептот и не е јасно колку ќе биде лесно да се извлече древната човечка ДНК од други украси и алатки од коски. Новиот метод, како што се надеваат истражувачите, ќе им овозможи на научниците да дознаат за полот и генетското потекло на креаторите од камената доба, носителите и корисниците на голем број коскени алатки и орнаменти откопани во ископувањата низ светот.
Новиот начин на екстракција на ДНК може, на пример, да открие дали алатката ја користеле неандерталецот или нашите предци хомосапиенс, пишува „Си-ен-ен“.