Другите проекти што биле пристигнати и разгледувани се: „Божествена пародија“ на Страхил Петровски, „Сите изгубени гласови“ на Филип Јовановски и „Горчлив шеќер“ на Ѓорѓе Јовановиќ

Венециското биенале на уметноста годинава ќе се одржува од 23 април до 27 ноември, откако лани беше одложено поради пандемијата. Како што е објавено деновиве, проектот „Лендскејп експириенс“ на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, заедно со Националната галерија на Македонија, е годинашен преставник на Македонија на 59. Венециско биенале на уметноста. Во образложението на стручната комисија на Министерството за култура се вели дека проектот низ јукстапозиции поставува нови пејзажи, реални а имагинативни; локални и национални, а сепак универзално препознатливи.
– Нивните сублимирани сцени, објекти, видеа и просторна инсталација го сугерира односот тело-природа, човек-технологии, човекот како несовршено суштество и негова когнитивна симбиоза со преостанатиот жив свет и околина. Низ квалитетен материјал и портфолио, авторот и кураторката (Ана Франговска) го развиваат и докрај го објаснуваат проектот како соодветен одговор на темата на биеналето „Млеко од соништата“ – се вели во одлуката.

На конкурсот за финансирање проект од национален интерес во културата од областа на меѓународната дејност за учество на Македонија на 59. Интернационална ликовна изложба во Венеција во 2022 година, годинава пристигнале пет пријави. Една од нив не се разгледувала откако подносителот доставил писмено известување дека го повлекува проектот од учество на конкурсот. Другите проекти што биле пристигнати и разгледувани се: „Божествена пародија“ на Страхил Петровски (Музеј на Град Скопје); „Сите изгубени гласови“ на Филип Јовановски (Младински културен центар – Скопје) и „Горчлив шеќер“ на Ѓорѓе Јовановиќ (НУ Музеј на современата уметност – Скопје).