Пред платото на црквата „Св. Петка“ во Кавадарци, во присуство на бројна публика, во рамките на манифестацијата „Кавадаречко културно лето 2022“ синоќа се случи долгоочекуваниот прв целовечерен концерт на етно-групата „Дукена“.
Публиката беше дел од добро осмислен проект, колаж од поезија, играни делови од страна на млади фолклористи и етно звуци во нов аранжман, во прекрасниот амбиент на црквата „Св. Петка“. За повеќето присутни ова беше и чекувано, со оглед на фактот што во етно групата „Дукена“ членуваат искусни и добри музичари. Концертот започна со легендарната песна „1762 лето“. Се испреплетуваа стихови во интерпретација на ученици од ЗШУЦ „Ѓорче Петров“, заедно со народните песни, а членовите од фолклорниот ансамбл „Тиквеш“ го надополнија визуелното доживување, па многубројната публикане ги штедеше аплаузите.
Во групата членуваат: Кристина Дончевска- вокал, Александар Стојков- кларинет, Трајче Јанев-клавијатура, Васко Ангелов-гитара, Петар Тодоров- бас гитара,Јосо Андреев- тапани,Александар Илиев кавал, Пепи Ангелов- гитара и Методи Глигоров на ударни инструменти.
– Нашата идеја е да се презентира и зачува традиционалната музика и во моментот сме единствен бенд од ваков тип во Кавадарци. Ова е наш прв целовечерен концерт и се надеваме дека публиката добро ќе не прифати. Бендот е составен од традиционални инструменти во спој со класични инструменти, а изведуваме народни песни со наша преработка и современ аранжман. Институција која стои зад етно-групата „Дукена“ е домот на културата „Иван мазов Климе“. За наредниот период имаме во план уште неколку целовечерни концерти, но на други локации. За нашиот прв концерт сакам да изразам голема благодарност на свештените лица кои ни овозможија нашето деби да се случи токму на платото пред црквата „Св. Петка“ – вели Методи Глигоров етнокореолог и фронтмен на групата „Дукена“. Ми.М.