Во „Мала станица“ се одржа промоцијата на збирката поезија „Стражари на ноќта“ од Марија Митева, во издание на „Полица“. Во прекрасната атмосфера на галеријата, пред преполната сала на скопската публика ѝ беше претставена првата збирка поезија на Митева, „Стражари на ноќта“, а присутните имаа можност да ги погледнат 24-те песни од збирката, изложени во форма на 24 издизајнирани постери во голем формат. Збирката, пак, наместо меѓу корици, е во форма на папка во која се сместени 24-те песни на издизајнирани листови, кои можат да се врамат и изложат. Тоа е и идејата на поезијата што Митева ја нарекува изложбена поезија.
– Зад дизајнот на песните на Митева се потпишуваат седум уметници од визуелната уметност, сликари, вајари, дизајнери, илустратори: Зоран Кардула, Владимир Мартиновски, Александар Стојчевски, Катерина Јовчевска, Филип Ивановски–Пепе, Филип Мартиновски и Ања Ангеловска. Уметниците работеа со четирите „бои на ноќта“ и преку своите илустрации имаа предизвик да го претстават своето видување на различните теми на песните. А темите што се во фокус на поезијата се прелеваат од општествениот живот во капиталистичкото уредување, предизвиците на урбаното живеење, преку секојдневните соочувања со системот, до многу интимни и длабоки човекови емотивни состојби, кои се нераскинлив дел од општественото битисување – вели издавачот.
Идејата зад збирката илустрирана поезија „Стражари на ноќта“ е споделувањето размислувања, идеи, креативност и светогледи со уметници од различни гранки, па следствено на тоа e и нејзиниот формат: папка со 24 постери, кои може да се подарат, споделат, врамат секој посебно или како една целина.
– Така што ова дело продолжува да се создава и реобмислува и по неговото издавање. Оттука, креативноста е во окото на читателот/гледачот – вели авторката.
„Стражари на ноќта“ е прва збирка поезија на Марија Митева (1995), која доаѓа три години по нејзината прва збирка раскази „Највисокото дно“ (2020), и таа во издание на „Полица“. Авторката припаѓа на генерацијата најмлади автори во современата македонска книжевност.