Излезе од печат романот „Би можела да се вика Леда“ од познатиот хрватски автор Марко Грегур во издание на „Перун Артис“ од Битола, а во превод од хрватски јазик на Сашо Огненовски. Промоцијата на романот ќе биде денеска, во Битола, во кафе-барот „Везилка“.
Романот се занимава со сагата на млада брачна двојка за свој пород, нејзината неизвесна и тешка борба да дојде до свој потомок. Емотивен и мудар, овој роман говори за големиот самопрегор на двајца млади луѓе да си го осмислат својот брак и своето семејство:
„Тогаш мораш да се одлучиш и да постанеш човек, додека полека исчезнуваат обрисите на животот за кои си мислел дека се единствени можни. Исчезнуваат луѓето што те носеле на раце и ти пееле приспивни. Сето преминува на тебе. Твој е редот да го чиниш тоа – да бидеш целиот свет, нечиј гранит и слатка карамела на детството.“
Ова е втор превод на македонски јазик на Марко Грегур по неговиот наградуван роман „Вошицки“ во издание на „ПНВ публикации“.
Марко Грегур е еден од најголемите хрватски автори со специфичен стил и голема суштественост во неговите дела. Добитник е на најзначајните хрватски награди меѓу кои „Фриц“ и „Владимир Назор“.