Град на културата во 2024 година
Со три милиони денари е поддржана Општина Крива Паланка, која ги става во функција сите свои инфраструктурни и човечки капацитети за реализација на манифестацијата Град на културата за 2024 година. Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, по повод започнувањето на оваа манифестација, истакна дека Министерството за култура продолжува со поддршка на проектите преку кои културата се става во функција на општествен развој и нејзино промовирање на локално ниво.
– Преку финансиската поддршка на овие проекти, како и поддршката во рамките на годишната програма, но и со средствата вложени преку Програмата за капитални дотации за општините, за што Крива Паланка доби 800 илјади денари за проектно-техничка документација за реконструкција и адаптација на зградата на НУ Центар за култура, се создаваат услови за системски и континуиран развој на културата во овој град, како и во регионот – рече министерката.
Програма ќе му даде нов пулс на градот, а жителите, како и гостите, секојдневно ќе придонесуваат Крива Паланка оваа година да живее во поинаков ритам. Се очекуваат многубројни настани, кои покрај промоција на културата, ќе придонесат за поголема посетеност на градот, афирмација на културното и природното богатство на овој регион, убавините на Осогово, на уникатниот Осоговски манастир, на вредните локалитети.
Градоначалникот на општината, Сашко Митовски, рече дека е огромна честа што Крива Паланка е Град на културата за 2024 година, во чии рамки се креира програма преку која се негуваат традиционалните вредности, се промовира културно-историското богатство на Крива Паланка, се поддржуваат постојните и се иницираат нови манифестации.
Програмата за манифестацијата ја претстави директорот на Градскиот музеј, Драган Величковски, кој ги презентираше содржините од главната и од придружната програма, како и локалните институции од културата и капацитетите. Заедно со Министерството за култура, креирана е програма со над 50 различни настани за сите генерации и за сите уметнички вкусови. Публиката до крајот на годината ќе може да проследи концерти, театарски претстави, книжевни настани, фолклор, традиција, филмска уметност, програма за најмладите, гастрономски специјалитети од регионот, едноставно култура достапна за сите. Програмата започнува на 16 март со манифестацијата на маски и ритуално палење оган „Сусурига 2024“, по што на 23 март е концертот на Каролина Гочева, „Македонско девојче“, а следниот ден е традиционалната етнолошка манифестација „Невестинско поклонение“.