Проектот „Активен ГРА(Д)/ѓани“ на организацијата „Факултет за работи што не се учат“ – ФРУ од Скопје ќе се претстави во „Опенхаус Берлин“, отворено студио во центарот за уметност и урбанизам „ЗК/У“ во Берлин, каде што еден член од тимот, интердисциплинарниот уметник Филип Јовановски, во моментов престојува на резиденција. Тој ја претставува работата на долгорочниот проект лабораторијата за просторно изведувачки практики „Градот како сцена“, која се реализира во соработка со Архитектонскиот факултет во Скопје. Како дел од оваа лабораторија, во рамките на резиденцијата, во текот на јуни годинава, неколку млади уметници, архитекти и студенти, Димитар Милев, Ивана Самандова, Тамара Џерков и Мартина Пенева, беа дел од истражувачкиот процес на проектот.
„ЗК/У“ во Берлин е уникатна локација. Просторот на поранешната железничка станица курира инклузивна програма за сите видови потенцијална публика. На новоизградениот покрив на зградата се создаваат инсталации со кратки перформанси достапни за голем број патници со воз, како и за пешаците, посетителите на паркот и членовите на околната заедница. Ова е обид да се создаде едноставна уметничка интервенција во секојдневното патување со изведба на многу кратки перформанси.