Во галеријата на Културно-информативниот центар во Софија беше прикажана претставата за деца „Свадби на животни и нешта“ на театарот „Сенки и облаци“ од Скопје. Претставата е создадена според истоимената книга на Раја и Георги Господинови.
Таа е приказна за невидливиот живот на предметите околу нас, за фантазиите во доцните попладневни часови, кога и малите и постарите се подготвени да смислуваат игри. Што би се случило ако… се спојат кауч и крокодил, желка и шкаф, книга и сладолед, камила и чајник? Некои би рекле „чао и збогум“, други би посакале да создаваат мушички за жива ограда, кроко-каучи и камилочајничиња, кои мирисаат на камилица и мед. Приказна што повикува: „Ајде, сега тебе ти е редот“.
Во креативниот тим на претставата се: Катерина Стефановска – актерка, Александра Стојановска – актерка, Дарко Богески – актер, Круме Стефановски – актер и музичар, Благородна Коцева Симјанов – дизајн на кукли, Ивона Ѓорѓиовска – дизајн на постер.
„Сенки и облаци“ е театар на сенки од Скопје, Македонија, и е пионер со сенки повеќе од 15 години. Работата главно е фокусирана на промоција на театарот на сенки како уметничка форма и неговата висока културна вредност, како и употреба на театарот на сенки како неконвенционална креативна и едукативна алатка за општествени теми.
– Нашиот театарски простор во срцето на Дебар Маало работи како културен центар со публика од 30 луѓе. Имаме задоволство да бидеме домаќини на различни културни настани – промоции на книги, џем-сесии, монодрами, пантомима, куклени претстави, работилници, танц, изложби на фотографии, попап-продавници, а истовремено им го нудиме нашиот простор на независни културни работници преку резиденцијални програми. Еден од нашите најдраги проекти е меѓународниот фестивал на театар на сенки за деца „Сонот на облачето“ со своите десет изданија, како единствен фестивал на театарот на сенки во Југоисточна Европа. Тимот на „Сенки и облаци“ се состои од актери, режисери, музичари, раскажувачи, едукатори, визуелни уметници, фотографи и сè помеѓу – велат од театарот.