Во рамките на манифестацијата „Месец на театарот“ вечерва со почеток во 19.30 часот премиерно ќе биде изведена претставата „Душички“- Брачна игра во продукција на „Златен заб“ од Скопје.
Автор на драмскиот текст е Едвард Олби, а режијата е на Ѓорѓи Ризески додека на сцената на домот на културата „Иван Мазов Климе“ во улогата на Џилијан вечерва ќе ја гледаме извонредната Надица Петрова, а во улогата на Џек Рахим Рамадани. Музиката за претставата е на на Алмир Бајрамов, кореографијата е на Сања Русевска, а костимите се на Кети Пауновска Стевковска.
Во делот на дизајн и фотографија се потпишува Емил Пачковски.
Од продукцијата „Златен заб“ претставата ја опишуваат како борба против себеси – и за себеси. Само вистината може да те ослободи, да те спаси….Но понекогаш многу боли кога посегнуваш по вистината, бидејќи си живеел толку далеку од неа. Оваа претстава е обид да се стигне токму до неа – па поради тоа се влегува во борба или војна, понекогаш дури и со ближниот, со тој што најмногу го сакаш…..
Актерката Надица Петрова на кавадаречката театарска публика е позната како дел од колективот на независниот театар „Златен Елец“, кој е формиран за време на пандемијата кога идејата за негово формирање во очите на луѓето изгледаше безнадежно. Па сепак овој театар успешно опстојува две и пол години и реализира девет претстави од кои само две се финансирани од државни институции.
Овој театар, кој ги обединува невработените актери, досега има остварени десетина гостувања на фестивали во Македонија и надвор од неа, со награди и признанија.
Во една пригода Петрова изјавува дека постојано експериментираат со жанровите и со текстовите се впуштаат во нови искуства. Работат на текстови меѓу кои има и нивни авторски, за возрасни и за деца во кои длабоко и страсно навлегуваат со цел да го разберат човекот како битие и, се разбира, најубавиот дел од нивното спознание да го пренесат на публиката низ театарската изведба, што според неа е еден вид заемна психолошко-духовна работилница.