Во преполната сала на Кинотеката беше одбележана годишнината од раѓањето на Ацо Шопов со настанот „Ацо Шопов – Невообичаено“, а неговиот лик и неговото дело повторно заживеаја преку повеќе неконвенционални и нестандардни медиумски формати. Многубројните поклоници на вредностите на македонската култура и љубителите на поетскиот збор имаа можност повторно да се сретнат со творештвото на Шопов, на еден невообичаен начин.
Во присуство на претседателот на државата Стево Пендаровски, покровител на националната иницијатива „2023, Година во чест на Ацо Шопов“, како и на голем број претставници на нашите културни и научни институции и на дипломатскиот кор, беа промовирани три нови и, во својот вид, пионерски книги: „Од онаа страна на Небиднината“ („Дијалог“) од Иван Антоновски, „Песна над песните“ („Сигмапрес“) приредена од Јасмина Шопова и графичкиот омнибус „Небиднина“ („Флип бук букс“) од Жарко Иванов, Иван Ивановски, Владимир Лукаш и Крсте Господиновски. Книгите се објавени со поддршка на Министерството за култура, на делегацијата на Европската Унија во Македонија и на фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“.
Во својство на претседател на фондацијата, Светлана Шопова упати до јавноста зборови исполнети со емоции, но и со гордост што јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, нејзиниот животен сопатник, се чествува на достоинствен начин, со настани со богати содржини, со три книги објавени во странство и сега уште три објавени во Македонија.
– Ацо беше голем поет и голем човек, голем патриот и голем граѓанин на светот. За него татковината беше „светот во минијатура, а светот една поширока татковина“. Тоа се препознава во секој негов напишан збор, па затоа и годинава тој се чествува по сите меридијани, од Македонија до американскиот континент, преку Франција, Полска, Тунис, а се разбира и во нашиот регион, од Словенија до Турција, преку Хрватска, Унгарија, Србија… – рече таа.
Како што оцени универзитетската професорка и книжевна критичарка Лидија Капушевска-Дракулевска, „Од онаа страна на Небиднината“ е прослава на дијалогот низ кој се исцртува портретот на македонскиот класик, од еден друг агол, досега непознат, од една внатрешна перспектива.
проф. Маја Бојаџиевска, теоретичарка на книжевноста и главна уредничка на издавачката куќа „Сигмапрес“, која го објави овој несекојдневен избор забележа дека втората промовирана книга, „Песна над песните“, по ништо не е само уште еден стандарден избор од поезијата на Ацо Шопов, туку претставува непроценлив прилог кон херменевтиката на македонската културна историја.
Особено внимание предизвика третата промовирана книга, графичкиот омнибус „Небиднина“ од Жарко Иванов, Иван Ивановски, Владимир Лукаш и Крсте Господиновски.
– Подвижните и звучни слики од омнибусот „Небиднина“ сега се закотвија на страниците на истоимената двојазична графичка книга, која ѝ се обраќа на истата, но и на една нова публика, проширувајќи го опсегот на ова поливалентно уметничко дело – нагласи Жарко Иванов, претставувајќи го изданието од име на авторите.
Во фоајето на Кинотеката присутните имаа можност да разгледаат две интересни и богати изложби што досега не ѝ биле претставени на пошироката публика во Скопје: „Патот по кој чекорам“, промовирана годинава во УНЕСКО, на 21 март, Светски ден на поезијата, и „Величествен поетски мост што ги поврзува сите континенти“, промовирана на годинешните „Струшки вечери на поезијата“, како дел од омажот што фестивалот му го посвети на својот прв претседател во далечната 1962 година. В.Д.