Продукцијата „Перипетија“ објави повик за средношколци за учество во проектот „Театарот ги обединува младите“. Програмата е меѓународен проект кофинансиран од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и на Министерството за култура на Македониja и во соработка со Театарот за деца и младинци – Скопје, во кој учествуваат пет меѓународни организации од Србија, Чешка, Грција и од Македонија.
– Низ оваа мултидисциплинарна авантура ќе патуваме преку креативни алатки и методи, како и разговори со професионалци од разни области, а сето тоа ќе биде крунисано со уметничка продукција во текот на 2025 година. Група од 45 млади од Србија, Северна Македонија и од Грција ќе го истражуваат концептот на парите во обид да го прошират своето знаење, да ја изразат својата креативност, да го изострат своето критичко промислување, како и да се впуштат во меѓународна соработка во период од 16 месеци. Серијата работилници, дебатите и дигиталната платформа за соработка ќе бидат преточени во уметнички продукции, кои ќе ги активираат нашите креативни, теоретски и имагинативни способности – велат од „Перипетија“.
Селектираните учесници ќе имаат можност да истражуваат во текот на 10 театарски работилници со уметници од разни области; да учествуваат на „Кик-оф кампот“ во Скопје од 27 до 31 август заедно со своите врсници од Грција и од Србија, да учествуваат во креирањето на виртуелната платформа во соработка со нивни врсници од трите земји; да учествуваат на „Фидбек кампот“ со групите врсници, кој ќе се одржи во Белград во текот на 2025 година со целосно покриени трошоци и да бидат дел од уникатен креативен процес, кој ќе резултира со професионални уметнички продукции во 2025 година во Белград, Скопје и во Атина.