фото: Менде Младеновски

Исклучително сме задоволни од текот на работите за изградба на топловодот од РЕК „Битола“. Задоволни сме од ова што го гледаме на терен, од посветеноста и ангажманот на изведувачот на работите, како и од исполнувањето на обврските на нашиот партнер во реализацијата на овoј проект, Државните електрани ЕСМ и ЕСМ Топлификација Битола.
Ова го истакна германската амбасадорка во Македонија, Петра Дрекслер, која за време на претстојот во Битола изврши увид на теренските активности за изградба на топловодот во Битола.
Покрај германската амбасадорка, Петра Дрекслер во Битола за време на увидот на градежните работи за топлификацијата на Битола беа и Марион Флојт Леферник од германското Министерство за техничка соработка, Давид Оберубер, директор на канцелариите на ГИЗ за Косово и Македонија и Роберт Сарламанов, претставник на КФВ банка во Македонија, претставници на изведувачот на работите, на австриската компанија „IC Austria“, која го врши надзорот и директорот на ЕСМ Топлификација Битола, Горан Козаров.
Германската делегација најави дека се размислува за проширување на проектот со т.н. „Solar District Heating“ во Битола. Соларните мрежи за централно греење користат големи површини со соларни термални колектори како извор на топлина. Концептот е познат и како соларно централно греење (SDH).
Технологијата на соларните мрежи за централно греење е докажана, велат германските партнери во проектот за изградба на топловод од РЕК „Битола“ од Битола, и може да даде важен придонес за процесот на декарбонизација во иднина.
Инаку проектот Топлификација на Битола, Новаци и Могила се гради со кредит од германската KFW банка во вредност од над 40 милиони евра, а АД ЕСМ инвестира 7 милиони евра сопствени средства.

М.М.