„МакеКоПроДокс форумот“ на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ има цел да развие стратегиски план за зајакнување на копродукциите на документарниот филм помеѓу земјите од Балканот. Форумот пречекува претставници од регионалните филмски центри, професионалци за документарен филм и 10 проекти, кои се во различни фази на продукција.
Шестото издание на форумот ќе се одржи за време на 15. издание на „Македокс“ од 19 до 21 август.
Може да аплицираат продуценти/автори на документарни филмови продуцирани, копродуцирани или снимени на Балканот (Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија, Бугарија, Грција, Косово, Романија и Турција). Не се бара приказната да биде снимена во регионот. Главни критериуми за аплицирање: да е долгометражен креативен документарен филм; да е во фаза на развој, продукција или постпродукција; да е снимен, продуциран или копродуциран во регионот. Рокот за пријавување е до 15 јуни.
Авторите на избраните проекти треба да отпатуваат до Скопје за да го претстават својот проект. Изборот на доставените проекти ќе го изврши комисија за процена, земајќи ги предвид критериумите за подобност.