Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“, во соработка со кафе-барот „Нагоре“, како дел од неформалниот тековен проект „Ѕид на уметноста“, вечерва, во 21 часот ќе ја отвори петтата изложба на дела, насловена „Портали“ од Христина Мазнеска.
Историчарот на уметноста Марјан Минов во својот осврт кон изложбата ќе напише дека човечката желба за осознавање на далечните вселенски простори и светови, кои паралелно егзистираат со нашиот, е стара и конзистентна со нашето досегашно постоење.
– А несомнено, времето во кое живееме; време на многубројни технолошки достигнувања како само да го дополнуваат тој внатрешен, исконски порив. Таквото настојување за истражување на универзумот и паралелните светови со сигурност може да се согледа во циклусот „Портали“ на Христина Мазнеска, составен од дваесетина дела, работени во различен временски период, различна техника и дополнително дигитално обработени. Во нив, примарен акцент е ставен на бојата и нејзиниот сензибилитет, додека, пак, цртежот, ставен во втор план, со тенденција за негова елиминација. Со ваквиот колоритен сензибилитет, предаден низ своевидна игра на аморфни структури, со еден експресионистички – апстракциски приод, Христина алудира на вечноста на материјата и енергијата и непостојаноста на формата. Низ целиот циклус проникнува еден подлабок филозофско–метафизички набој, кој ја дополнува ликовната естетика. Нејзините дела како да се обременети со дополнителна филозофска мистика, па дури и теософска идеологија, барајќи претходно проучување и предзнаење од спектаторот, за да може идејата на уметникот дословно да биде предадена – пишува во најавата за изложбата.
Самата изложба е дополнета со кратка видеоинсталација од самата уметница, со голем фонд различни скици, цртежи, минијатури, каде што може да се види дека овие „портали“ се неисцрпна тема за инспирација кај оваа уметница, без разлика на медиумот што го застапува.
Христина Мазнеска е визуелна и мултимедијална уметница, сликарка, илустраторка и графичка дизајнерка. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2018 г., во класата на проф. Жанета Вангели, на отсекот сликарство со модул графички дизајн. Имала две самостојни изложби во земјава, а била учесничка на повеќе од триесет групни изложби, како и на семинари, ликовни колонии, работилници и уметнички фестивали во Македонија и во странство. Освен што активно се занимава со сликарство и со мултимедијални ликовни практики, работи и како илустраторка и графичка дизајнерка. Досега има илустрирано десетина странски книги за деца.