Министерот за култура во посета на Крушево

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков го посети Крушево, градот каде што со пригодна програма под наслов „Ангел си ти“ се одбележува 44. роденден на Тоше, човекот што со својата музика, љубов, добрина и хуманост го освои срцето на целиот Балкан.
– Денес се сеќаваме на Тоше Проески, кој иако физички не е повеќе со нас, неговиот дух продолжува да живее во песните, спомените и љубовта што тој ги остави зад себе. Затоа во чест и слава на Тоше, токму на овој ден сум во неговото родно Крушево, го посетив семејството и положив свежо цвеќе на неговото вечно почивалиште, а ја посетив и Спомен-куќата подигната во негова чест – рече министерот Љутков.
Љутков истакна дека „нашата држава секогаш ќе ја негува почитта кон Тоше, што се потврдува и со фактот дека Владата издвои средства од буџетот и за поддршка на иницијативата на Македонската радио-телевизија да снима игран филм, документарен филм и ТВ-серија во неколку продолженија за животот, делото и мисијата на нашата најголема музичка поп-ѕвезда“.
Според Љутков, споменот на Тоше, кој ги обединуваше луѓето со својата музика продолжува да инспирира нови генерации и преку песните засекогаш живее во нашите срца.
Македонската и балканска музичка ѕвезда Тоше Проески загина во сообраќајна несреќа на 16 октомври 2007 година кај Нова Градишка, Хрватска.