Секој саем е важен и со своја убавина, но јубилеите секогаш се очекува да се во посјајно издание. Официјално е отворен 35. Меѓународен саем на книгата.
– Оваа година, чест ни е што јубилејно ја одбележуваме 35-годишната традиција на најочекуваниот саем – Саемот на книгата. Оваа културна манифестација, која е од голема важност, оваа година најголемиот фокус го има насочено кон нагласување на важноста на мајчиниот македонски јазик. Од денес сѐ до 10 мај, секој ден со почеток од 10 часот, над 60 домашни и странски издавачки куќи ќе ги претстават своите саемски понуди, со познати наслови од многубројни реномирани автори, на сите љубители на пишаниот збор. Овој саем мора да остане потсетник и синоним, да се чита со вистинска книга во раце. Не е случајно што мотото на годинешното издание на саемот е токму „Мирисот на нова книга ја најавува пролетта“ – изјави Даниела Глигоровска, управителка на Скопскиот саем.
Саемот за издавачите е особено важен, бидејќи е место каде што се обединуваат со читателите, каде што ја претставуваат целата годишна програма.
– Ние како издавачи и времето го сметаме како период помеѓу два саема. Во таа насока се и наградите на Македонската асоцијација на издавачи, кои традиционално ќе ги додели наградите и признанијата за најдобрите изданија, најкреативните изданија, најдобрите автори, најдобрите и општествено одговорните издавачи. На тој начин ќе се обиде да работи на она на кое работиме како асоцијација, а тоа е да го подигнеме статусот на книгата на едно уште повисоко ниво – вели Бојан Саздов, претседател на МАИ.
Според Бисера Костадиновска-Стојчевска, министерката за култура, поддршката на Саемот на книгата е од голема важност, особено во овој актуелен миг, кога некои податоци покажуваат дека помалку се чита.
– Читањето е од суштинско значење за нашиот развој и среќа, како поединци и како општество. Затоа како љубители на книгите и на пишаниот збор имаме обврска да ги унапредуваме состојбите и заедно да работиме на зголемување на интересот на читателската јавност за книгата како пишан медиум – рече таа. С.Ј.


Влада Урошевиќ ќе потпишува книги

На штандот на „Арс ламина“, денеска, во 13 часот ќе се одржи средба со годинашниот добитник на престижните награди Роман на годината и „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“ – академик Влада Урошевиќ. На средбата тој ќе го потпишува романот на годината, „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, кој е во издание на „Арс ламина“.
В недела, во 11 часот, е закажана работилница за деца инспирирана од популарните серијали „Исидора Мун“ и „Мирабела“ од Хариет Мункастер, а в понеделник, во 10 часот, ќе се одржи работилница за деца инспирирана од едукативниот серијал „Учиме со Софија“. Следниот ден на агендата е работилница за деца инспирирана од едицијата „Емоционална железница“, со фокус на сликовниците од младата авторка Маја Мишевска, како и средба со писателот Велко Неделковски, поттикната од неговата нова едиција за деца „Прегрнати книги“.