Фестивалот на алтернативна фотографија „Зрно“, кој своето прво издание го имаше минатата година, почнува вечерва, во 20 часот. Избрани се околу 120 дела на отворениот повик, кои ќе бидат изложени во „Мала станица“. Како единствен фестивал во регионов и меѓу ретките во светот што ги негува благородните фотографски техники и има висок естетски стандард, „Зрно“ на отворениот повик за дела привлече алтернативни фотографии од околу триесет земји од светот, од сите континенти. Селекцијата ја правеше осумчлено меѓународно жири
– Ова е единствена можност кај нас да се видат неверојатно храбри, експериментални и естетски издржани дела од најразлични фотографски техники, од едноставни цијанотипии до оригинални колодиумски стакла од огромен формат и многу различни експерименти измеѓу. Низ целата селекција провејува еден модерен, ведар и луциден дух на современата светска фотографија, ослободена од вештачки наметнатите стеги на медиумот, од минатиот век. Следна на програмата е изложбата на два неверојатно специфични автора. Едниот е Жозеф Мариа Рибас Прус – најнаградуваниот шпански ФИАП-фотограф. Сериозно име во светот на фотографијата, со неверојатна вештина од темната комора. Наспроти него, „Зрно“ го изложува Дамиан Диаконеску, фотограф од Темишвар, алхемичар, мајстор на многубројни аналогни, алтернативни процеси со невидена естетика. Крајно непознат за јавноста надвор од Темишвар и крајно вреден за светска слава – информираат организаторите на „Зрно“.