Дарко Аницин, ликовен уметник
Ликовниот уметник Дарко Аницин ја најавува својата следна изложба „Ремек-дело на создавањето“. Неговата идеја е повторно да ја реализира својата четврта по ред изложба со интеракција со публиката. Преку јавен повик тој ја повикува публиката да му испрати фотографии, овој пат од нашите прекрасни планини.
– Испратете по една предлог-фотографија од своето омилено планинско место/планински масив или највисоката точка/врв, која го афирмира или карактеризира поднебјето од каде што потекнувате. На пример, Шар Планина или Титов Врв, Љуботен, Ливадица, Пирибег, Кораб, Бистра или поглед од Меденица, Стогово или кој било врв од Стоговски Масив. Јакупица или некој сегмент од Јакупички Масив, познат и под името Мокра. Фотографија од Баба или Пелистер… Пејзажи од Јабланица, Галичица, Ниџе, Кожуф, Сува Гора… Во согласност со испратените, односно одбраните фотографии, Дарко Аницин ќе создаде акрилни дела, кои ќе ги претстави на интерактивна изложба насловена „Ремек-дело на создавањето“. Секое ликовно дело ќе биде именувано по одбраната фотографија, планинска област, врв… На пример, ако фотографијата е од Голем Кораб, ликовното дело ќе биде именувано како Голем Кораб (2.764 м) највисока точка на Корапскиот Масив – пишува во јавниот повик.
Концептот на изложбата на Аницин е сличен на последните три изложби во однос на начинот на работа и реализирање. Во смисла дека сите започнуваат со јавен повик (со цел активирање, интеракција на публиката/следбениците), а се разликуваат по темата, односно мотивот, кај следбениците/публиката во однос на учество во проектот/изложбата, а кај авторот за творештвото.
– Идејата, мотивот, конкретно за оваа изложба е природата, планините, нашите природни убавини, нашите родни краишта, кои ни се познати, но и за многумина непознаница. Јас лично ги консумирам речиси секој викенд и сум поборник за здрав начин на живот. Би сакал да успеам да пренесам и доловам за придобивките од физичката активност, воздушната бања и прекраснотиите од погледот што го нудат, како лек за очи и душа. Планините не се само места, планините се чувства. Би сакал да им дадам боја, да ги обојам делата со мир, спокој. Иако, нели, не секогаш временските услови се идеални, како компарација на секојдневните активности како предизвик и годишното време како нешто што е моментално, но наедно и менливо, она што недостига за време на работните денови – истакнува Аницин.
Според уметникот, кога живееме во урбана средина, забораваме дека сме дел од природата. Со одењето во природа или планина, забораваме на секојдневните стресови.
– Дали сте го доживеале освежувачкото чувство да вдишувате остар и свеж планински воздух? На поголема надморска височина воздухот е посвеж и почист. На планината ќе дишете свеж воздух, ќе ви ја подобри циркулацијата и ќе ве опушти, ќе ги подобри вашите бели дробови. Сето тоа како колоритен баланс што ни е потребен, а во природата тоа го има во идеална хармонија. Во контекст на насловот „Ремек-дело на создавањето“, како симболика на создавач/креатор, безвременска совршена убавина. Како да создадете ремек-дело од својот живот? Како и да изгледа вашето ремек-дело, ќе ви помогне да видите што треба да направите или што треба да престанете да правите, да создадете. Навистина е потребно да се вложи труд за некој да престане да се труди да изгради нечие туѓо ремек-дело и да се фокусира на создавањето на ремек-делото за кое е роден. Секој ден е нова можност за обликување, ние ги имаме алатките за креирање, па затоа создајте го вашето ремек-дело – посочува Дарко Аницин.
По објавувањето на јавниот повик, кој би бил отворен околу еден месец, во зависност од интересот, тој ќе одбере 10-15 фотографии (испратени од учесниците на јавниот повик), врз база на кои почнува со подготовки на работа/креирање на 10-15 акрилни дела, негово видување, впечатоци, евентуални емоции од пределот или врвот доколку го искачил.
Дарко Аницин досега има реализирано пет самостојни изложби. С.Ј.