Изложбата на фотографии „Украдени моменти“ на Виктор Соколовски е отворена во КИЦ. Составена е од 36 дела во кои се препознава прецизноста на проценување на мигот што треба да се случи, да се роди и да живее засекогаш. Тоа е фотографијата.
– Талентот на Соколовски со невидена леснотија и само нему својствен начин успева да го „украде“ убавото токму во мигот и да го сподели во вечноста со публиката. Соколовски не е само вљубеник во уметноста туку и творец на истата таа. Неговите фотографии имаат карактер и чувствена физиономија, консументот може да воспостави дијалог со делото, да го доживее и почувствува.
Ова се живи фотографии, раззборувани, распеани, обоени со оптимистички тонови и немаат само естетска и уметничка туку и културно-социјална вредност – вели Елизабета Дерменкоска-Цефи.
Станува збор за портретни фотографии на фотографот Виктор Соколовски направени во периодот од 2009 до 2022 година, за време на разни концерти во земјава и во регионот, на кои присуствувал како пасиониран љубител на музиката, но и како фотограф дописник, за еден од најреномираните портали за култура во регионот – „Сикалт“ од Белград. Ова е деветта самостојна изложба на фотографии на Соколовски.