По назначувањето на новиот в.д. директор Никола Кимовски, Македонскиот народен театар ја најави новата сезона 2024/2025 г., која ќе започне во септември, а во чии рамки, како новитет и по барање на публиката, свечено ќе биде отворена и летната сцена „Славиша Кајевски“. Кон средината на октомври, на малата сцена премиерно ќе се одигра претставата „Бели ноќи“, во режија на Звездана Ангеловска (копродукциски проект), а на 17 октомври е договорено гостување со претставата „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, а во режија на Нина Николиќ, на Интернационалните театарски средби „Брчко Дистрикт“, БиХ. На големата сцена следува премиерната изведба на претставата „12“, во адаптација и режија на Синиша Евтимов, кој мајсторски го направи изборот од моќна актерска екипа. Претставата „12“ ќе биде работена по мотивите на „12 гневни луѓе“ (12 Angry man) од Реџиналд Роуз.
По премиерата, во ноември ќе гостува Српското народно позориште од Нови Сад со „Собирачи на пердуви“, во режија на Дејан Пројковски – претстава што го освои првото место на реномираниот српски фестивал „Театар во тврдината“- Смедерево во 2024 година. Во ноември исто така премиерно ќе биде одиграна и претставата „Бог на колежот“ (копродукциски проект) – по текст на Јасмина Реза, а во режија на Весна Петрушевска. Српскиот режисер Егон Савин ќе ја постави „Народен пратеник“, по текст на Бранислав Нушиќ. По претставите „Злосторство и казна“ (1994) и „Лаж и паралаж“ (1996), ова за Савин е трета режија во Македонскиот народен театар. Претставата „Народен пратеник“ на сцената на МНТ за првпат е поставена во 1945 година, потоа во 1993 година, а ова е трета постановка.

Во декември е предвидена и премиерната изведба на копродукцискиот проект „Марта“, по текст на Драгана Лукан Николоски, а во режија на Нина Николиќ. Со почетокот на учебната година, активно ќе продолжат организираните тури за посета на театарот, со посебен акцент за основните и за средните училишта. На овие тури младите генерации ќе имаат можност да се запознаат со театарот преку разгледување на објектот и музејската поставка со посета на проби и разговори. Покрај онлајн продажбата на билетите на официјалната веб-страница www.mnt.mk, како новитет ќе се имплементира и мобилна апликација преку која публиката ќе биде во можност на побрз и на поедноставен начин да дојде до билет.