Фестивалот на европската литература, кој осма година по ред ќе се одржи од 3 до 5 октомври, на неколку локации во Скопје, под мотото „Храбри нови зборови“, одлучи наградата „Букстар 2022“ да ѝ ја додели на нобеловката Светлана Алексиевич, за книгата „Војната нема женско лице“.
– Судејќи не толку по личниот (украински) сентимент, колку по тоа што го направила како автор и човек, не постои друга личност од сферата на литературата што толку безрезервно го живее годинашниот слоган на фестивалот како што е тоа Светлана Алексиевич. Поради тоа и поради нејзиното монументално дело, одлучивме годинашната награда „Букстар“ да ја доделиме на првата книга од нејзината петтомна епопеја „Војната нема женско лице“ – велат од „Антолог“.
Оригинално објавена во 1985 година, до денес таа не престана да зрачи со својата актуелност: во светот и во Европа оттогаш постојано владеат војни во кои гинат деца и старци, во кои жените се вклучени и без да сакаат, во кои гласот на слабите е потиснат, во кои раните се неизлечиви и во кои лудилото на војната не прашува за име и презиме.

– Токму затоа сметаме дека гласот на Светлана Алексиевич е гласот што го води обичниот човек од хаосот на историските лавиринти кон снопот животна светлина што треба да го освои. Храбриот збор и дело на Алексиевич се еден од ретките факли во темнината што (не)очекувано се надвиснува над 21 век. За нашиот книжевен контекст е огромна чест што првата новинарка добитничка на Нобеловата награда за литература за 2015 година и авторка на дела што засекогаш ја сменија историјата на литературата ќе биде дел од програмата на фестивалот – велат организаторите.
Светлана Александровна Алексиевич е веројатно една од најзначајните живи личности на денешнината, а нејзиното дело е меѓу најактуелните во оваа турбулентна историска делница. Во текот на нејзината долгогодишна кариера се извештува да создаде авторски стил што се базира на лични сведоштва. Нејзиното „книжевно“ творештво (кое исто така може да се стави под интерпункциски знаци, бидејќи тоа ги надминува строгите граници на книжевниот дискурс) се состои од пет книги, кои се инспирирани од драматични настани на советската историја: Втората светска војна, војната во Авганистан, распадот на СССР и нуклеарната катастрофа во Чернобил. Во текот на својата кариера во Белорусија, честопати била обвинувана за „клевети“, „сквернавење“, па дури биле водени и судски процеси против неа. Поради силниот политички прогон против Алексиевич, во 2000 година ја напуштила државата и една деценија живеела во прогонство во Париз, Гетеборг и Берлин. Во 2011 година се вратила во Минск, но не за долго. Поради нејзиниот ангажман и учество на антивладините протести во 2020-2021 против претседателот Лукашенко повторно принудно ја напушта Белорусија и заминува во Германија, а нејзините книги се отстранети од белоруските училишни програми. Со почетокот на руската инвазија во Украина продолжува со критиките на белоруската вмешаност.