Владимир Илиевски, ликовен уметник

Изложбата „Чувства и движење“ на ликовниот уметник Владимир Илиевски ќе биде отворена утревечер, во 20 часот, во галеријата „Ко-ра“, дом на градежници „Кочо Рацин“. На изложбата ќе бидат претставени досега неизложени цртежи настанати во изминатите неколку години.
Владимир Илиевски е роден во 1989 г. во Скопје. Во 2012 г. дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на отсекот за сликарство. Од 2012 до 2022 г. реализирал дванаесет самостојни изложби во: Скопје, Охрид, Делчево, Струмица, Ботевград (Бугарија) и Нови Сад (Србија). Учествувал на повеќе групни изложби во земјава и во странство. Автор е и на два мурала, во Скопје и во Струмица.

Какви „чувства и движења“ пренесовте на хартија?
– Зборовите што го образуваат насловот ми дојдоа спонтано како формулација – чувство и движење, а потоа размислувајќи за нив, сфатив дека се и мошне блиски, бидејќи на еден начин чувството е и внатрешно движење или, пак, не би ни дошло до чувството ако немало движење. Отсекогаш ми било интересно движењето на формите, динамиката, па ова е само природен тек и дополнително истражување на претходното, а дополнително, за мене лично е и прашањето – што е тоа што ме привлекло во движењето. Повеќе станува збор за суптилни движења во нас, што потоа ги преведуваме и со збор ги категоризираме низ чувствата што ги знаеме, а истовремено поставувам и друго прашање – што од тие чувства во нас е природно, а што научено.

Како се создаваа делата и што најсилно ја поттикнува вашата креативност?
– И во буквална смисла, при создавањето на цртежот се случуваат движењата, кои во овие конкретни цртежи се дури и нагласени, одеднаш повлечени линии, потоа избришани повторно со брз потег. Можеби станува збор за визуализирање на чувствата, но прикажани повеќе на сугестивен отколку на директен начин. Не мислам дека постои само едно или само неколку конкретни нешта што особено ја поттикнуваат креативноста, туку мислам дека тоа е постојан процес на случувања и паузи помеѓу случувањата, како што во ликовноста се формата и просторот околу неа, или ако набљудуваме околу нас, тоа е насекаде присутната игра на темно – светло, високо – ниско, брзо – бавно… Тие спротивности го активираат и го поттикнуваат движењето, а со тоа и условите и желбата за создавање.

На изложбата ќе бидат претставени досега неизложени цртежи настанати во изминатите неколку години. Каков момент чекаа за да бидат изложени пред јавноста?
– Некои од цртежите настануваа независно еден од друг, не беа поврзани во серија. Други, пак, делумно се во меѓусебна релација, но претпоставувам сега се случи погоден момент кога сите тие се вклопија како една целина. Тоа се цртежи изработени со јаглен – многу едноставен природен материјал, што уште повеќе придонесува акцентот да не биде на техничкиот дел, туку на тоа што и како е претставено. Тематски, повторно се едноставни форми, птица, дрво, човечки лик, но се надевам дека, освен лесно видливата форма, делата ќе успеат да пренесат и нешто што се крие „зад“ конкретната форма. Работам во повеќе традиционални цртачки и сликарски техники и ја сакам таа можност за варијација во техниката, темата, изразот. Ако можам да си дозволам накратко со збор да ги опишам моите дела, би сакал да се обично необични и необично обични.

Во последниве месеци сте солидно активен на уметничката сцена, со самостојни и групни изложби, на што се должи оваа хиперактивност?
– Убаво ми е кога создавам, тежнеам да го одржам тоа. Последните месеци малку случајно се поклопија некои работи за да настанат неколку самостојни изложби и да учествувам во повеќе групни изложби, но тоа не е секогаш правопропорционално со продуктивноста на авторот. Има автори што создаваат многу дела, но не изложуваат толку често, како што некои периоди било и кај мене, а можеби и пак ќе биде.