Џими Роџерс, музичар

Музичарот Џими Роџерс или Владo Поповски, а најчесто Лаци, како што го викаат, ќе настапи на 7 мај во Камерната сала на Филхармонијата. Со концертот на акустични гитари, заедно со неговиот колега Ендрју Харисон, ќе го промовира новиот албум „Вагабундо“, според кој е наречена и нивната турнеја. За публиката имаат подготвено интересен колаж на звуци, мелодии, авторски и светски познати нумери.
Расте како млад талент во скијање во многу спортско семејство. Неговиот музички талент станува сѐ поочигледен со текот на годините, особено откако ќе ја добие првата гитара на подарок. На 16 години почнува да патува низ Европа и собира искуство како уличен музичар во Германија, Франција и во Швајцарија. Откако дипломирал и со себе го понел своето големо искуство, се фокусирал на музичката кариера. На 20-годишна возраст свирел во различни бендови и настапувал покрај јадранскиот брег. Експериментира со многу различни стилови на музика. Многу години живее во Австрија.

Вашето музичко патување почна откако добивте гитара за подарок… Како се создаваше името Џими Роџерс?
– Прв инструмент на кој свирев беше мандолина, на мандолинската секција во училиштето „Кирил и Методиј“ во Центар. Подоцна им плачев на моите дома за гитара. Ми ја подарија за роденден и од тогаш до денес не ја оставив. Мојата фирма се вика „Џими Роџерс мјузик“, по моето избрано уметничко име, а постои од мај 1991 година во Шладминг, Австрија.
Кога последен пат сте настапувале дома и што Ве радува најмногу што повторно ќе настапите пред домашната публика?
– Македонската публика и досега имала можност да нè запознае. Сме настапувале на „Караманови средби“ во Радовиш, на „Гитара фест“ во Крушево, како и на „Скопско културно лето“. Се надевам дека впечатокот е позитивен, па и овој пат заеднички ќе уживаме во музиката. За мене, лично, настапот во Скопје носи некоја магична енергија. Очекувам пријатели со кои долго се познавам, другари, познати… Сакам луѓе, дружење, споделување енергии… Скопје е фантастично место за релаксирани средби. И инспирира. Секогаш, кога времето за престој во Македонија ми е кратко, жалам за тоа. Овој пат, планирам по концертот да останам подолго. Се радувам на повторната средба со Скопје, со мојот роден град, каде што има нешта што никаде во светот не можете да ги најдете. Работите што вие ги сакате, ги сакам и јас, на пример, симит-погача со јогурт, незаменлив за појадок или македонската кујна – фантазија од вкусови, скопскиот хумор – единствен, посебен и уште некои други мали нешта, а всушност, за мене, големи работи!
Вашата музичка кариера е богата со интернационални настапи, па каде сѐ имате настапувано?
– Јас сум професионален музичар, живеам со музиката и заработувам од музиката. Салцбург е мојот избор, местото во кое живеам во Австрија. Но патувам поради многуте закажани настани, најчесто низ Австрија и Германија, но сум настапувал и во Торонто/Канада, Нејпалс/Флорида, низ Швајцарија, Црна Гора… Сакам музички да се изразувам без оглед на формата на настанот. Исто се вложувам и кога имам ангажман за хотелски акустични настапи и кога се организираат концерти по сценски сали, театри и на музички фестивали.
Низ годините сте експериментирале со стилот. Како ја опишувате Вашата музика?
– Ова што го работам со Харисон, кога би сакале да го спакуваме во една синтагма, би го нарекол „ворлд гитар мјузик“, шарена музичка програма како шарен музички букет цвеќе. Но, сепак, она што ние го правиме најдобро го искажува публиката, па најмногу сакам кога, по наш концерт, ќе ја прашате публиката како таа ја доживеала нашата музика. Нејзината експресија ми се чини најточна. И најмногу ми значи.
Им помагате и на другите уметници во создавањето музика. Каков стимул и поддршка сакате да им дадете на музичките таленти и колеги?
– Да, соработувам и со други музичари. Како искусен музичар би можел да го советувам секој што е посветен на музиката да донесе одлука професионално да се занимава со неа и да живее од својот професионален ангажман. Свесен сум дека тоа е голем предизвик. Јас на 28 години ја донесов таа одлука и тргнав по тој неизвесен пат, кој требаше да се изоди и за кој е потребна и ментална подготвеност. Затоа што тоа е долг процес за кој треба и голема желба, и подготвеност и истрајност, но пред сè верба во себе. Јас потекнувам од скијачко семејство, уште од мал ме учеа на истрајност во натпреварот, борбеност, неоткажување, па верувам дека и спортот ми помогна да ја донесам таа одлука, и не само таа, и други што ги сметам важни во мојот живот. Во она што веруваш искрено, нема лага, тоа е она исконско чувство што го препознаваш и знаеш дека вреди. За едноставно да се дообјаснам би кажал, како кога си на старт на една спуст-патека (мојата специјалност во спортот), тргнуваш и влегуваш во неизвесност, се бориш со теренот, со брзината, леташ, можеби ќе паднеш, те фаќа ветер, се бориш да останеш на скии и си викаш ќе успеам, ќе се задржам, нема да паднам! Приближно така некако е и со музичката кариера.


Многу турнеи, настапи, хитови, албуми се дел од Вашето портфолио. Какво музичко наследство сакате да оставите?
– Времињата секогаш биле и такви и вакви и онакви. Сите ние одиме по некој судбински пат и по нешто бележиме, некои помалку некои повеќе. Јас секогаш сум мечтаел зад себе да оставам некоја музика, некоја нота што кај некого ќе разбуди чувства и ме радува што се случува тоа. Во моментов најмногу ме прави среќен едно сеќавање – настапот со мојот бенд на една бина во Германија, на концертот на познатиот бенд „Назарет“. Имав чест да бидам нивен гостин, предгрупа, свиревме 30 минути. По настапот, кога ги потпишувавме цедеата, ми пријде една госпоѓа и со насолзени очи ми рече дека четвртата песна што ја отпеав, авторската со наслов „Standing in the rain“, ѝ разбудила емоции што не можела да ги совлада и се расплакала. Ми се чини дека тој момент, таа енергија што ја разменивме, тоа меѓусебно разбирање без зборови, никогаш нема да го заборавам.
Кои се Вашите следни предизвици?
– Мене плановите секогаш ми се поврзани со музиката, со творењето, со посветеноста на работата. Планирам да се случи нов албум, за што секако ќе ве информирам. Не мислам дека веќе сум го кажал своето во светот на музиката, имам уште за раскажување, имам нови музички приказни, оти за нас, за луѓето како мене, нема класична пензија.