Прошетката е предводена од Бојана Јанева, која преку своето долгогодишно искуство како историчарка на уметноста се вложува кон промовирање и доближување на уметноста и културата до сите заинтересирани граѓани

Иницијативата „Најново нормално“ на Музејот на современата уметност од денеска, во 12.30 часот, ќе понуди викенд-посета на две изложби. Првата е изложбата „Сѐ што ни е заедничко“, во која се вклучени актуелни светски и наши уметнички имиња што ги „анализираат условите на несигурност во капиталистичкиот локален и глобален контекст преку уметнички дела и практики“. Кураторки се Мира Гаќина и Јованка Попова. Истовремено, во музејот е во тек и поставката на светски познатиот автор Артур Жмијевски, со видеоинсталации, курирана од Владимир Јанчевски.
Февруарското издание на „Најново нормално“ во МСУ е наменeто за возрасни.
Двете изложби претставуваат автори за кои уметноста е лек во борбата против болките во нашите современи општества. Тие преку уметноста зборуваат гласно во име на невидливите, неприфатените, угнетените, сочувствуваат со обичниот човек, кој е во позиција на немоќ пред компликувани државни структури и нудат алтернативни решенија во чија основа се солидарноста и љубовта во ова време невреме.

– Иницијативата „Најново нормално“ им е посветена на сите заинтересирани што имаат потреба од нова викенд-алтернатива. Прошетката е предводена од Бојана Јанева, која преку своето долгогодишно искуство како историчарка на уметноста се вложува кон промовирање и доближување на уметноста и културата до сите заинтересирани граѓани што сакаат да искусат еден поинаков и возбудлив поглед кон градот и современите уметнички практики. Оваа прошетка ќе ги втурне посетителите во едно необично искуство, кое ќе им овозможи одново запознавање со градот Скопје и причините поради кои вреди повторно да му се навратиме со љубопитност наместо со носталгија – велат од МСУ.
„Најново нормално“ е во реализација на институтот за култура и уметност „Арс акта“-Скопје. Цената по лице е 350 денари (со вклучена влезница во музејот) или 500 денари за двајца членови на исто семејство.