На почетокот на јануари започнува со реализација првиот од трите циклуси од проектот „Танц. Трансформатор – Реобмислување на локалната танцова заедница“. Како што вели и самото име, креаторите на проектот поаѓаат од идејата да се преобмисли локалната современа танцова заедница, како обид за надминување на недостатоците, меѓу кои се наоѓа и потребата за генерирање повеќе платени можности за професионалните танчари поради непостоењето на институции што можат да ги вработат и/или ангажираат континуирано, а со тоа и да им се обезбедат континуитет и одржливост на оние што професионално се занимаваат со танц. Проектот предвидува можност за професионален развој и платен ангажман на професионалните танчари од локалната сцена преку продукциски ориентирани резиденции, со локални и интернационални кореографи, како и можности за национални и регионални турнеи, кои ќе овозможат континуитет на квалитетен професионален ангажман – неопходен за развојот и афирмацијата на танцовата уметност кај нас.
– По објавување на отворените повици, проектот забележа огромен број апликации од интернационални кореографи со неверојатен квалитет. Истовремено, со проектниот координатор Мааике Феккес и финансискиот менаџер Павел Маслов одржавме неколку инфосесии со танчарите од локалната сцена и интересот е неверојатен. Очекуваме успешна сезона и се радуваме што во рамките на овој проект над 100 танчари од земјата ќе добијат шанса за работа и учество во овој проект. Среќни сме што оваа иницијатива беше препознаена од Агенцијата за развој и соработка на Швајцарија. Долго време работиме на тоа да ја сплотиме локалната танцова заедница, па се надеваме дека ова ќе биде успешен почеток – вели уметничката директорка Ивана Балабанова.
Сите заинтересирани професионални, полупрофесионални танчари и студенти имаат можност да се пријават за учество во тридневна работилница, која ќе се одвива во периодот од 9 до 11 јануари 2023 г. По завршувањето на работилницата, на најдобрите седуммина ќе им биде овозможено учество во тринеделна интензивна и платена танцова резиденција, под водство на интернационален кореограф, која ќе се заокружи со премиера на танцов перформанс во Скопје, во почетокот на февруари 2023 г. По премиерната изведба, предвидени се уште три репризни изданија на перформансот во три различни града во државата.