Светот е сцена
УНЕСКО на меѓународно ниво, преку различни експерти, потврдува дека населбите и вештачката мумификација на културата Чинчоро имаат исклучителна вредност, која има глобално значење
Мумиите на Стар Египет се веројатно најпознатите мумии во светот. Меѓутоа, тие не се најстари. Народот Чинчоро од Јужна Америка почнал да ги зачувува своите мртви пред околу 7.000 години, а нивните мумии станале едно од чудата на археологијата на Андите. УНЕСКО неодамна ги препозна културната вредност и важноста на мумиите Чинчоро додавајќи ги на списокот на светско наследство. Чилеанскиот антрополог и експерт за мумии Бернардо Аријаза го објасни значењето на ова признание.
УНЕСКО на меѓународно ниво, преку различни експерти, потврдува дека населбите и вештачката мумификација на културата Чинчоро имаат исклучителна вредност, која има глобално значење – вели Аријаза.
Чинчоро бил народ што го населувал брегот на пустината Атакама во денешно северно Чиле и јужниот дел на Перу, помеѓу 7000 и 1500 г. пр. н.е. Луѓето од оваа култура се потпирале на лов и риболов за егзистенција. Додека најраните познати нивни локалитети датираат од 7000 г. пр. н.е., мумификацијата, врз основа на сегашните докази, датира од приближно 5000 г. пр. н.е. Ова значи дека мумиите Чинчоро се постари од попознатите египетски мумии за два милениума.
Мумиите Чинчоро првпат биле идентификувани во 1917 година од германскиот археолог Макс Уле. Понатамошните ископувања покажале дека таквите мумии биле распространети по должината на брегот и концентрирани помеѓу Арика и Камеронс. Меѓутоа, во 1983 година беше откриено најголемото и најдобро зачувано откритие на мумиите Чинчоро. Ова откритие не е направено од археолозите, туку од водоводната компанија „Арика“ при поставување нов цевковод во близината на подножјето на Ел Моро.
Како биле зачувани мумиите Чинчоро?
Уле првично идентификувал три категории на мумификација, покажувајќи зголемена сложеност со текот на времето, но оттогаш археолозите го проширија неговото објаснување. Соодветно на тоа, двата најчести метода што се користеле во мумификацијата биле техниките црна мумија и црвена мумија.
Техниката црна мумија била користена од околу 5000 година пр. н.е. до 3000 година пр. н.е. Тоа вклучувало распарчување, при што прво се отстранувале главата, рацете и нозете на мртвите. Потоа, телото било сушено на топлина, а месото целосно се вадело од коските. Потоа, черепот бил преполовуван, приближно на висината на очите, за да се отстрани мозокот. По сушењето на черепот, тој се обвиткувал со материјал и се врзувал заедно. Остатокот од телото исто така повторно се составувал. За зајакнување на екстремитетите и ‘рбетниот столб, се користеле стапчиња под кожата. Телото исто така било преполно со материјали како глина и пердуви. Черепот потоа бил прикачуван на повторно составеното тело. Бела паста од пепел се користела за покривање на телото, а исто така и за пополнување на празнините оставени од процесот на повторно составување.
Техниката црвена мумија била користена од околу 2500 г. пр. н.е. до 2000 г. пр. н.е. Таа била сосема поинаков метод во споредба со техниката црна мумија, бидејќи Чинчоро правеле засеци во трупот и рамената на мртвите за да ги отстранат внатрешните органи и да ја исушат телесната празнина. За да се отстрани мозокот, главата се отсекувала од телото. Како и техниката црна мумија, сепак, телото било полнето со разни материјали за да изгледа повеќе како човек. Покрај тоа, биле користени стапчиња за да се обезбеди структурна поддршка. Засеците потоа биле сошиени, а главата вратена на телото. На главата била ставана перика, направена од реси од човечка коса, и држена со „шапка“ направена од црна глина. Сè друго, освен оваа перика, а често и лицето, тогаш се боело со црвен окер. Аријаза, кој е и директор на центарот „Чинчоро“ на универзитетот „Тарапака“ во градот Арика, вели дека методите на мумификација покажуваат дека овие тела се многу фино направени од специјалисти.
Зошто се важни мумиите Чинчоро?
Освен нивната возраст, мумиите Чинчоро се важни затоа што изгледа дека ги одразуваат духовните верувања на древните луѓе Чинчоро. Иако точната причина зошто ги мумифицирале своите мртви не е позната, има неколку теории. Некои научници тврдат дека тоа било за да ги зачуваат останките на нивните најблиски за задгробниот живот, додека друга општоприфатена теорија е дека постоел култ на предците, бидејќи има докази дека телата се поставувале на почесни позиции за време на големите ритуали.
Една од најимпресивните карактеристики на мумиите Чинчоро е обемот на кој се правела оваа практика. До денес се пронајдени повеќе од 300 мумии. За разлика од Старите Египќани, кои првенствено ја резервирале мумификацијата за членовите на кралското семејство и елитата, заедницата Чинчоро на сите, без разлика на возраста или статусот, им го доделувала овој свет обред. Одлуката за егалитарно зачувување се докажува во мумификацијата на сите членови на општеството – мажи, жени, стари лица, деца, доенчиња и фетуси. Всушност, често се случувало децата и бебињата да добиваат најтешки третмани за мумификација.
Аријаза сугерира дека количеството на детски мумии може да биде поврзано со високи нивоа на труење со арсен на водата, што може да предизвика предвремено породување, спонтани абортуси и високи стапки на смртност кај новороденчињата. Тој смета дека мумификацијата можеби била „емотивен одговор од родителите соочени со овие болни загуби, па тие ги сликале, ги облекувале и секој ден оваа техника станувала сѐ поелаборирана“.
Друго можно објаснување за оваа егалитарна погребна практика се климатските промени. Бидејќи пустината Атакама е едно од најсушните места на земјата, труповите би биле зачувани природно. Згора на тоа, додека Чинчоро ги закопувале своите мртви во плитки гробови, веројатно е дека телата биле делумно изложени на ветровите. Како што се зголемило нивото на морската вода пред околу 6.000-7.000 години, се зголемил и бројот на морските ресурси, што пак поддржувало поголемо население.
Како што се зголемувала популацијата, така имало поголема размена на идеи, што довело до поголем просперитет и културна сложеност, а една од нив била практиката на мумификација. Можеби еден од најинтересните аспекти на Чинчоро е тоа што, врз основа на достапните докази, се чини дека социјалната хиерархија не била развиена, за разлика од другите рани цивилизации. Како оваа култура успеала да остане рамноправна многу милениуми и да функционира на општествено ниво без хиерархија е нешто што ги интригира археолозите и антрополозите со децении.