Денеска, во 19 часот, во Музејот на Македонија ќе се отвори архитектонската изложба „Жените архитекти во постземјотресната обнова на Скопје“. Изложбата е резултат на едногодишниот проект од областа на културата и архитектурата насловен „Улогата на жените архитекти во постземјотресната обнова на Скопје“, кој Здружението на граѓани за поддршка и промоција на културата го спроведе со финансиска поддршка од Амбасадата на Швајцарија во Македонија.

Авторскиот тим на проектот го сочинуваат Ана Ивановска Дескова, Владимир Десков, Јован Ивановски и Бојана Стојменовска. Изложбената поставка ќе биде отворена за јавноста до 23 март.
– Во втората половина на 20 век, значително се менува улогата на жената во македонското општество. Во новонастанатиот политички, економски, социјален и културен контекст, жените го прават својот прв пробив во мноштво професии, кои претходно се сметале за „машки“. Обемниот и сеопфатен модернизациски и еманципаторски проект значи забрзано менување на структурата и ликот на градовите, а жените архитекти рамноправно учествуваат во обликувањето на новиот животен простор. Жените архитекти даваат значаен придонес кон архитектонската сцена во Социјалистичка Република Македонија, особено во периодот на постземјотресната обнова на Скопје. Периодот на 1960-тите, 1970-тите и раните 1980-тите години е време на интензивно архитектонско и урбанистичко творештво за Мимоза Томиќ, Вера Ќосевска, Љубинка Маленкова, Олга Папеш, Василка Ладинска и многу други. Образовани во веќе реномираните архитектонски школи и културни центри – Белград, Загреб и Љубљана, каде што архитектонскиот модернизам навлегува директно од европските центри – Париз, Берлин, Виена, Прага итн., по нивното враќање во Скопје имаат силно влијание врз развојот на македонската архитектонска сцена, ширејќи ги модернистичката идеја и култура помеѓу помладите генерации архитекти – велат авторите на изложбата.