Македонскиот народен театар со особена чест ја прими веста за селекцијата за учество на 70. „Стериино позорје“ во Нови Сад. Ана Тасиќ, селекторка, Мирослав Радоњиќ, директор на „Стериино позорје“, и Горан Ибрајтер, извршен директор на фестивалот, ги соопштија селектираните театарски куќи и претстави. Во селекцијата е и нашата претстава „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, а во адаптација и режија на Егон Савин.
– Годинашното, 70. „Стериино позорје“ ќе се одржи од 26 мај до 3 јуни под мотото „Создавање историја/менување на иднината“. Покрај МНТ, во натпреварувачката програма учествуваат и: Загребачко казалиште младих, Црногорско народно позориште, Атеље 212, Југословенско драмско позориште, Српско народно позориште од Нови Сад и други. Последното учество на МНТ беше пред 22 години, на 29 мај 2003 година, со претставата „Павилјони“ од Милена Марковиќ, во режија на Срѓан Јаниќијевиќ – велат од МНТ.
Последните награди што ги добива МНТ се на тогашните 30. Југословенски театарски игри „Стериино позорје“ во Нови Сад, кои се одржаа од 26 мај до 3 јуни 1985 година: награда за претстава во целина за „Среќна Нова ’49“; награда за режија за Слободан Унковски за „Среќна Нова ’49“; награда за актерско остварување на Ненад Стојановски за улогата на Пиги во „Среќна Нова ’49“ и награда за сценографија за Динка Јеричевиќ за „Среќна Нова ’49“. Следната 1986 година, наградата за особени заслуги ја добива и режисерот Димитар Ќостаров.