Беседа за Отец Јован Таковски

Кога се слушна за заминувањето од овоземниот свет
на Отец проф. д-р Јован Таковски
Теолог со интернационално реноме
Кој се упокои во Господа на 82 години
На ден Источен Петок – Балаклија 2023 година
Во многу цркви и манастири во
Македонија, Европа и светот
Со длабок пиетет се изговараше неговото име
Низ молитвите за неговата душа
Бидејќи Отец Јован Таковски се движеше
Од Македонија до Бескрајот на христијанската љубов
Со чувство дека секаде каде што бил останал засекогаш
А секаде каде што не бил ќе го гледа Светот од
Небото на Вечниот живот.

Отец Јован Таковски остави зад него една импресивна Рајска библиотека
На неговите преводи на сите 19 книги од Богослужбата
И сите дела на Св. Климент Охридски
Од црковнословенски на македонски јазик
Објави повеќе авторски истражувања за преосвештението на
Рамноапостолите Св. Кирил и Методиј и нивните ученици
И преведе круцијални дела од француски јазик
Од христијанската и филозофската мисла.

Неговата академска поврзаност со теолошките институти
И католички и православни
Во Париз, Брисел, Женева и други европски центри
Беа толку длабоки и нераскинливи
Што неговата појава секогаш беше поврзувана
Со неговата красноречива реторика на
Беспрекорен француски јазик:
„Европа никогаш не треба да заборави дека
христијанството го прими преку Македонија
Со Апостол Павле и Лидија Македонката, првата христијанка на Европа
Која на неговата проповед за цивилизацијата на љубовта и Спасителот на светот
Одговорила со зборовите
– Ќе изградам црква во моето срце за Синот Божји Исус Христос
И во него вечно ќе се пее химната на ангелите на бесмртната љубов“
„Во основата на охристовувањето на македонскиот народ и Европа лежи зборот Логос
Кој е синоним на Второто лице на Света Тројца, а тоа е Синот Божји
Логос на македонски се прецедува со зборот Слово“
– Во почетокот беше Словото (Логосот)
И Словото беше во Бога и Бог беше Словото (Јован 1.1)
Се сеќавам кога во истата црква во која проповедал
Св. Јован Шангајски во Париз (1896-1966)
Отец Јован Таковски одржа проповед
во која го сублимираше
Животот на овој светец од модерните времиња
Кој се протегаше од неговата родна Русија,
преку Белград
Во кој доаѓа после Октомвриската
револуција
И од таму во Богословијата во Битола
Каде што остава неизбришливи траги во
Духовната слика на Македонија меѓу двете светски војни
И во 1934 година е испратен во мисија во Шангај
Каде што повеќе од две децении се грижи за 4.000 деца сираци
А од таму преку Париз, заминува во Сан Франциско
И се упокојува во 1966 година.

Отец Таковски, чиј глас одекнуваше во париската црква
Со зборови како духовни смарагди, рече:
Во Франција го нарекуваа Св. Јован Шангајски (Saint Jean de Pieds nus)
Или Св. Јован Шангајски – Босоногиот
Бидејќи за 40 години на неговата мисија на земјата
Никогаш не обул чевли и не легнал во кревет да спие
Докажувајќи дека светоста е всушност бесмртноста на љубовта
Која по сите континенти може да ја одбрани идејата за светската цивилизација
И Првата средновековна школа на хуманизмот на
Св. Климент и Св. Наум Охридски – вечно живите светци во Македонија
Што секогаш ги носеше врежани во неговото срце.

Во црквата седевме заедно со мојата сопруга Лилијана
и со христољубивиот Ване Стојчевски
Прв претседател на Македонската православна
општина во Париз – Св. Кирил и Методиј
А околу нас беа плејада од професори и теолози од француските
и европските институти
Таковски го заврши предавањето со зборовите:
„Сакам да го коригирам францускиот историчар Жорж Кастелан
Кој напиша дека Македонија е крстопат на мртви империи –
Точно е дека таа е крстопат, но на живата љубов којашто
блика со векови во нејзината историја“

Со зборовите на Едуардо Гаелано (1940-2015) – латиноамерикански визионер
Го завршувам овој омаж за Отец Таковски:
„Не постои историја која е нема –
Можете да ја горите, да ја уништувате, да ја травестирате,
Таа ќе одбие да ја затвори устата и ќе проговори за сѐ.“

Јордан Плевнеш
Скопје, 26.4.2023 година