Во Студентскиот културен центар во Белград, Србија, беше промовирана најновата книга од едицијата „Линии на фронтот“, во која со свој стрип е застапен и македонскиот автор Владо Николовски. Се работи за десетта книга од серијалот стрип-антологии на теми од Првата светска војна што, во соработка со Францускиот институт во Белград и Министерството за култура и информирање на Србија, ги издава белградската издавачка куќа „Моро – систем комикс“.
– Овој серијал достигна голем критички и комерцијален успех во земјата и во регионот, како и во Франција. Културолошката и историската, а и социјалната, уметничката и книжевната вредност на овие стрипови ги поместува границите во денешното технолошко опкружување и ги инспирира читателите да дознаат повеќе преку нивниот образовен карактер – пишува издавачот по повод излегувањето на публикацијата.
Едицијата „Линии на фронтот“ е започната во 2014 година, по повод одбележувањето на стогодишнината од Првата светска војна. Во досега објавените десет публикации учествувале над 50 истакнати стрип-автори од Србија и од регионот. Покрај Николовски, со свои стрипови во нив биле застапени и македонските автори Александар Стеванов, Дарко Богданов, Иво Николов и Јован Секулоски.