Фото: Приватна архива

На 25 и 29 март во Скопје, по седми пат, ќе се одржи Ден на пијаното (Piano Day Skopje 2023). Оваа манифестација, основана по идеја на германскиот композитор Нилс Фрам во 2015 година, е со најдолга традиција во прославата на пијаното во Македонија, а Денот на пијаното, од година в година, сè помасовно се слави.

Како и во претходните години, и годинешното издание на овој празник на пијаното ќе биде одбележан со уникатна програма, најави организаторот. Ќе настапат Италијанското дуо Луиџи ди Миеле (пијано) – Алина Таславан (виолина), најталентираните ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј” од Скопје и студенти од Факултетот за музичка уметност од Скопје, а за првпат ќе има и трибина посветена на пијанизмот. Денот на пијаното симболично се одржува на 88-от ден од годината, бидејќи пијаното има 88 дирки.

– Ова е настан кој ги инспирираше сите вљубеници да го прифатат и слават овој празник. Голема чест е да се биде пример и инспирација во Македонија. За мене како организатор е голем предизвик, затоа што светот и музиката се менуваат, се менува презентирањето, доживувањето, трендот. Ние треба да го живееме нашето време и преку музичките трендови и достигнувања – вели организаторката м-р Светлана Димитриевска, професорка и раководител на одделот за пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј” од Скопје.

Професорката Димитриевска вели дека оваа манифестација е значајна за младите, особено поради современиот концепт и изборот на програмата, кој е направен во соработка со истакнати светски, но и со македонски композитори, годинава со Бете Илин.

– Годинава, за прв пат, ќе биде прикажан концептот Piano Day Lounge, следејќи ги светските музички трендови, тенденциите на заедничко и единствено музичко доживување, непосредно доближено до публиката – додава професорката.

Настапите на учесниците на настанот ќе бидат на 25 и на 29 март, во КИЦ Скопје – Салон 19’19”.
На 25 март, со почеток во 11 часот, ќе има стручно предавање од областа на пијанизмот, на кое медијатор ќе биде м-р Весна Малјановска. На 29 март во 17 часот ќе настапи дуото Луиџи ди Миеле – Алина Таславан, во 18.30 часот ќе се одржи Piano Day Lounge, а во 19.15 часот „Звуците на класиката – посветено на 150-годишнината од раѓањето на композиторот Сергеј Рахмањинов и Бете Илин – Одбрани дела „Македонски музички звуци“.