Самостојна изложба на Ѓорѓе Јовановиќ во Њујорк
На 20 јули во „МЦ галери“ во Њујорк, Ѓорѓе Јовановиќ ја отвори својата самостојна изложба „Огледалото“, која се состои од цртежи изработени врз страници од дневни весници. Јовановиќ ги користи весниците како подлога за цртање и на нив интервенира со цртежи и пораки, притоа менувајќи го нивниот контекст, со што се обидува да создаде слоеви на други значења и поинаква реалност од онаа што ја прикажуваат или сакаат да ја прикажат. Тој овие цртежи ги комбинира со цртани и колажирани објекти со селектирани приказни од различни страни од светот за користењето на лажните вести, како и примери од уметнички проекти каде што лажните вести се користат како уметничка стратегија.
– Во светот на медиумите и на социјалните мрежи сè почесто среќаваме разни дезинформации и лажни вести. Современите информациски и комуникациски технологии само го олеснија и забрзаа споделувањето на таквите информации, па и последиците се далекосежни, а поради тоа Светската здравствена организација појавата на масовното ширење лажни вести ја нарече инфодемија. Лажни вести, дезинформации, значи информации што се или целосно или делумно неточни, но кои свесно се пуштаат во оптек за да дејствуваат на одредени политички одлуки или едноставно да остварат што поголем број посети на социјалните мрежи. Лажните вести се шират со голема брзина и во меѓувреме прераснаа во еден од најголемите проблеми, особено во дигиталниот свет. И на корисниците им е тешко да ги разликуваат од веродостојните информации. Се поставува прашањето на што се должи „успехот“ на лажните вести. Еден од можните одговори даваат психолозите, кои објаснуваат дека луѓето сакаат да ги знаат причините за настаните во светот и кога погрешна информација нуди едноставно објаснување за одредени настани, луѓето ја примаат како факт, па кога им е понудено друго објаснување (кое можеби е точното), тие се чувствуваат неудобно бидејќи го губат чувството на сигурност. Во ваков случај човекот ја прима новата информација како закана за неговото разбирање на настанот и затоа е мотивиран да се задржи на претходното објаснување – се наведува во најавата за изложбата.
Јовановиќ во својот проект ги проблематизира концептот и феноменот на медиумската комуникација во современиот простор и време, обидувајќи се преку своите дела да повика на критички однос кон она што ни се претставува како реалност или факт. Да се биде медиумски писмен значи да се биде свесен за својата стварна позиција внатре во медиумскиот пејзаж, кој рапидно се шири, и да се биде подготвен за анализа на драматичните промени во рамките на самата јавна сфера.
Ѓорѓе Јовановиќ (Скопје, 1980) дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (2003). Тој има реализирано повеќе проекти во чиј фокус се прашањата за интеграцијата и дезинтеграцијата на современиот човек. Во своите дела тој ги преиспитува меѓучовечките односи во контекст на општата состојба на редефинирање на универзалните вредности, односот човек-општество и консумеризмот како клучен фактор на модерниот начин на живот, политиката како фактор на распаѓање на градовите, државите и семејствата. Работи инсталации, перформанси, објекти, видеа, колажи и слики за да постигне трансформација на уметничкиот израз и индивидуалната експресија, следејќи ја флуидноста на современиот контекст.