Фото: Фејсбук/Јован Тозиевски - Градоначалник на Општина Ресен

Познатиот графички дизајнер и типограф Ласко Џуровски е добитник на признанието „Клучевите на Преспа“ на 21. издание на интернационалниот театарски фестивал „Актерот на Европа“.

– Од срце им благодарам на организаторите кои ја препознаа мојата работа на промоција на Ресен, Преспа и Македонија низ моите дизајнерски дела и моите авторски фонтови кои ја промовираат прекрасната македонска кирилица во светот на дигиталната типографија – истакна Џуровски на Фејсбук.

Оваа година наградата за животно дело „Актер на Европа“ ја понесе познатата унгарска актерка Енико Есењи. Традиционалната Голема повелба „Балканот – Срцето на Европа“ годинава ја добија грчкиот актер Аргирис Гаганис, македонскиот книжевен автор и теоретичар Зоран Пејковски и албанскиот новинар и книжевен критичар Бен Андони.

Фестивалот е основан во 2003 година, кога Европскиот парламент го прогласи Преспанското езеро за меѓуграничен европски парк, меѓу Македонија, Грција и Албанија. Традиционално се одржува пред „Сарајот“ во Ресен.