Во сеќавање на катастрофалниот скопски земјотрес

Во сеќавање на катастрофалниот скопски земјотрес од 1963 година, во рамките на Музејот на современата уметност – Летно кино под тремот, ќе биде прикажан експерименталниот документарен филм „Екран за Скопје“ (1988, 31’) на полската филмска режисерка, актерка и продуцентка Малгоржата Потоцка. Проекцијата е закажана за вечерва, во 21 часот, под отворено небо во МСУ. Влезот е слободен. Кустос на МСУ – Летно кино е Софиа Григориаду.
Филмот следи уметници активни во 1980-тите додека создаваат претстави, акции и јавни интервенции. Дел од нив, како Кристо, Симон Шемов, Петар Мазев и Јержи Трелински, донираа свои дела на уметничката колекција на МСУ – Скопје, но вклучени се и други како Јозеф Робаковски, Иван Владислав Галета, Џоан Џонас. Во меѓувреме, две фигури, скриени зад бело платно, разиграно ги водат гледачите низ модернистичкото Скопје. По проекцијата ќе следува дружење со музика и пијалаци.
– Инаку, документарецот што ќе го прикажеме е дел од изложбата со дела од вредната уметничка колекција на МСУ „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ Скопје“, која беше отворена во „Кунстхале“ – Виена и која во моментов е отворена во Националната галерија во Прага – велат од МСУ.
Приказната за МСУ како потсетник на светската солидарност во обновата на постземјотресно Скопје започнува по земјотресот, кога Обединетите нации апелираат за помош на скопјани и, меѓу другото, потенцираат: „Покрај материјална штета и многуте човечки жртви, важна е и културата како клучна алка во подигнувањето на духот на скопјани“. Заедно со Меѓународната асоцијација на уметници се иницира повик до светски познатите уметници да донираат дела. И тука започнува приказната за МСУ.
– Следната година по земјотресот, во 1964 година се формира Музејот на современата уметност – Скопје, а објектот, оној што го познаваме денес се отвора во 1970 година. На повикот до светски познатите уметници да донираат дела, меѓу првите се пријави Пикасо, кој донираше дело за МСУ – Скопје, а по него и многу други: Дејвид Хокни, Виктор Вазарели, Александар Калдер, Кристо и Жана-Клод, Јаспер Џонс, Алекс Кац, Алберто Бури… Во знак на солидарност, пристигнуваа вредни подароци во МСУ од целиот свет. Денес, колекцијата од над 5.300 дела е збир на важни личности од историјата на уметноста, од Украина до Јужна Африка, од Чиле до Нов Зеланд. Замислата била музејот да се подигне на највисоката точка во срцето на Скопје, видлив од секаде, кој ќе доминира над градската панорама како средиштен споменик и симбол на светската солидарност во обновата на Скопје. Совршено вклопена во конфигурацијата на Скопско кале и опкружена со панорамата на градот, зградата на МСУ е извонреден пример на архитектурата на доцниот модернизам и потсетник на поземјотресната обнова на Скопје – велат од МСУ.
Многубројните донации на уметнички дела направија МСУ да стане симбол на светската солидарност, која денес е трајна вредност во колективната меморија на македонската јавност, издигнат над сите поделби: естетски, политички, верски и расни.

Во Кинотеката на Македонија во знак на скопскиот земјотрес беа прикажани кратки македонски филмови на темата „Скопски земјотрес“. Станува збор за филмовите: „Школите и универзитетот во скопската катастрофа“ (17 минути), „Писмо од Скопје“ (16 минути), „Проштевање “ (седум минути), „Скопје, 26.7.1963“ (15 минути) и „Катастрофа, страдања, надежи“ (16 минути).
Во Кинотеката во истиот дух беше прикажан и музичко-филмскиот омнибус „Скопје ремикс“ – девет кратки филмови во режија на Борјан Зафировски, Даријан Пејовски, Огнен Димитровски, Срѓан Јаниќијевиќ, Ѓорче Ставрески, Саша Станишиќ, Вардан Тозија, Синиша Евтимов, Јане Алтипармаков и Бојан Трифуновски. Идејата на овој проект е да се покаже една урбана страна на Скопје, во која ќе се промовираат македонските уметници, покрај младите режисери тука огромна улога играат и македонските музичари, а исто така и наши скулптори и мултимедијални уметници, кои имаа можност да бидат дел од овој филм и да учествуваат во него презентирајќи ги своите дела на еден индиректен начин.
– Во целина, ова е филм што успева да ги прикаже духот и енергијата на Скопје на начин што е истовремено забавен и длабок. Со својата мултиперспективна структура и разновидни приказни, филмот нуди богат и комплексен поглед на животот во македонската престолнина. Ова дело на групата автори е значаен придонес во современата македонска кинематографија и заслужува да биде гледано и ценето од пошироката публика – велат од Кинотеката.
Изложба со наслов „Културните институции во Скопје по земјотресот во 1963 година“ се отвора и во Музејот на град Скопје. Подготвена е по повод одбележувањето 61 година од катастрофалниот земјотрес, кој се случил во Скопје на 26 јули 1963 година. Организатор е Музејот на град Скопје. Авторка на изложбата е Зоја Богдановска, кустос-советничка историчарка во музејот.

– Изложбата зборува за земјотресот во Скопје од 26 јули 1963 година и за состојбата на културните институции. Поголемиот дел од скопските музеи претрпеле големи и неповратни штети. Народната и универзитетска библиотека, Народниот театар и други културни институции биле толку многу оштетени што немале ни најелементарни услови за работа. Разурнатите згради на издавачките и новинско-издавачките претпријатија, до крајни граници го отежнувале нивното нормално работење. Многу од спомениците на културата, како и тврдината Кале, биле целосно разурнати. Ударот уништил многу значајни историски документи и уникатни експонати. Под урнатините останале значајни артефакти – сведоци на многубројни цивилизации што опстојувале на скопското тло – вели авторката на изложбата.
Изложбата по повод одбележувањето на овој значаен датум од поновата историја на градот Скопје е посветена на културата и културните институции, на последиците од земјотресот и на нивното функционирање во постземјотресни услови. Изложбата ќе се отвори вечерва, во 20.30 часот, а влезот е слободен. В.Д.