По повод одбележувањето на 85-годишнината од „Кристална ноќ“, Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија организира изложба на различни изданија на книгата „Дневникот на Ана Франк“.
Изложбата се состои до 15 изданија на дневникот, објавени на повеќе јазици и печатени низ годините почнувајќи од 1957-2020 година. Книгите се дел од фондот на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје.
Изложбата ќе биде отворена денеска во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, а посетителите ќе можат да ја погледнат до 20 ноември.
– Кристалната ноќ, која често се нарекува „Ноќ на скршеното стакло“ поради кршењето на излозите на продавниците и прозорците на синагогите, е еуфемизам измислен од нацистите кој се однесува на големиот антиеврејски погром извршен на 9 и 10 ноември 1938 г. Во насилството што се случувало во Германија и делови од Австрија, биле оштетени 1.668 синагоги , а 267 запалени., многу еврејски гробишта и 8.000 еврејски продавници биле уништени. Повеќе од 30.000 Евреи биле уапсени и одведени во концентрациони логори, а оние кои се осмелиле да се спротивстават биле претепани до смрт, додека останатите биле принудени да гледаат, истакна Жаклина Мучева на отврањето на изложбата.
– Поминаа 85 години од Кристалната ноќ, луѓето не се похумани или посвесни за ужасот на нивните постапки. Нацизмот не умре со Хитлер, се размножуваше, се трансформираше во различни форми и се модифицира до тој степен што денес е подобро маскиран. Затоа нашата одговорност е бесконечна. Треба да научиме да го препознаеме злото, да го впериме прстот, да го кренеме гласот и да делуваме, силно и храбро, онака како што правеле Евреите чии книги биле масовно палени и уништувани. Да се бориме со знаење и мудрост, со љубов и подадена рака. Да му се спротивставиме на антисемитизмот и неразумното негативно стереотипно маркирање на Евреите – порача Мучева.
– Почитувани, ова е меморијален дом на 7144 убиени Евреи од Македонија. Овде го чуваме споменот, ја негуваме културата, едуцираме и антисемитизмот го негираме. Затоа оние кои осудуваат без предзнаење на историските факти, за оние кои се потпираат на еднострано информирање, за оние кои не прашале како се чуствуваме деновиве додека роднините, пријателите и соработниците ни се во воен ризик, ќе ги опоменам со зборовите на Мартин Лутер Кинг: „Темнината не може да ја истера темнината, светлината може да го направи тоа. Омразата не може да ја истера омразата, само љубовта ја има таа моќ“ – додаде Мучева од Меморијалниот центар на холокаустот.
„Не сакам залудно да живеам, како повеќето од луѓето. Сакам да бидам корисна и да донесам задоволство до сите луѓе, дури и до оние кои никогаш не сум ги запознала. Сака да продолжам да живеам и после смртта!“ Ана Франк.