Краткометражниот филм на режисерката Александра Кардалевска, со наслов „Сценариото“, доживува голем успех на светската филмска сцена, освојувајќи голем број награди и селекции на реномирани фестивали низ светот. Ова достигнување ја претставува македонската кинематографија на глобално ниво, истовремено носејќи уникатна и моќна приказна до интернационалната публика.
По успешната светска премиера на престижниот 45. Московски филмски фестивал и меѓународната премиера на 29. Фестивал на фантастични филмови во Билбао, филмот имаше можност да се прикаже на многу значајни филмски настани, како што е „Филм куест“ – еден од водечките жанровски фестивали во светот, кој се одржува во Јута, САД, потоа фестивалот „Синефантази“ во Сао Паоло, Бразил, како и низа други меѓународни фестивали.
Досега филмот има освоено петнаесетина значајни награди, меѓу кои: наградата од публиката на 33. Фестивал на фантастични филмови во Манчестер; големата награда од жирито на „Бакунава фест“, Филипини, најстариот и најголем фестивал за жанровски филмови во Азија; награда на „Синелибри“ во Бугарија; награди на фестивалот „Фантазмагорија“ во Колумбија; фестивалот „Парадајс“ во Унгарија; наградата на „Галактик имаџинариум“ во Романија; награда на Фестивалот на фантастични филмови во Перу; како и две значајни награди – главната награда од жирито и наградата од критиката – на фестивалот „Фантази деј“ во Италија. Исто така, филмот ја освои наградата за најдобро сценарио на „Балкан нордик филм фестивал“ во Стокхолм, како и награда за најдобра кинематографија на „Синематик јуропиан филм фестивал“ во Романија.
Филмот беше прикажан и пред домашната публика на неколку македонски фестивали, каде што ја освои наградата за најдобар краткометражен филм на фестивалот „Преку езерото“ во Дојран и на фестивал во Тетово, а на „Астер фест“ во Струмица ја освои наградата за најдобро сценарио.
– Со своето учество и успех на овие фестивали, „Сценариото“ не само што придонесува за интернационалната промоција на македонската кинематографија туку и ја носи уметноста на Кардалевска до публика низ светот. Филмот раскажува фантастична приказна, која одекна и кај публиката и кај критичарите, а неговиот успешен фестивалски живот е доказ за посветеноста на целата актерска и креативна екипа што стои зад филмот – велат од продукцијата.
Во „Сценариото“, кое е поддржано од нашата Агенција за филм, играат: Драгана Костадиновска, Огнен Дранговски, Атанас Атанасовски, Игор Ангелов, Симеон Мони Дамевски и Ана Стојановска. Визуелната естетика на филмот е дело на директорот на фотографија Душан Кардалевски, сценографијата е на Влатко Чачоровски, монтажата е на Блаже Дулев, а дизајнот на звукот го изработи Дарко Спасовски-Пацки. Дизајнот и изработката на костимите се на Онур Озџан, Маја Ѓуреска и Антонија Гугинска Јорданоска, а шминката е дело на Снежана Ангеловска Живковска. Филмот е во продукција на „Лајт продакшн“, во копродукција со „Круг филм“ и „Алка филмс“ од Скопје, „Иконе студио“ од Косово и „Кубе студиос“ од Албанија. В.Д.