Почнувајќи од 12 јануари, со по три филмски проекции дневно во попладневните и вечерните часови, Кинотеката и оваа година останува верна на традиционалното „Киноутро“.
Годинава во Кинотеката доаѓаат најпознатите негативци од филмското платно Џек Скилингтон и Гру, засилени со помалку познатите, но полни со потенцијал – крокодилот Лил, вечно младиот Кашеј, малиот Финик и Макс и неговата бесна дружина. На овие ликови, Тони Монтана, Норман Бејтс, Мајкл Маерс и Дарт Ведер можат вода да им носат.
На програмата се шест наслови наменети и за мали и големи деца, а и за сите оние што се чувствуваат младо во срцето, без разлика на возраста.
Во рамките на „Киноутро 2023“ ќе можете да ја погледнете на големо платно филмската лектира „Кошмар пред Божиќ“, но и неколку филма што претендираат да станат тоа. Има за секого има по нешто.
„Лил, лил, крокодил“, крокодилот Лил живее во куќа во Њујорк, во близината на Централ парк, удобно сместен на таванот кај семејството Прим. Меѓутоа, еден од соседите упорно тврди дека местото на Лил не е во куќа каде што живеат луѓе, туку – во зоолошка градина.
„Кошмар пред Божиќ“ го следи градот на Ноќта на вештерките, каде што живеат сите измислени страшила од приказните — врколаци, вампири, вештерки, зомбија и други. На страшилото со глава на тиква Џек Скелингтон му е дојдено прекуглава од постојаните прослави на Ноќта на вештерките и ќе појде во градот на Божиќ, каде што ќе ги види Дедо Мраз, подароците, песните и сè што се случува таму.
„Кашеј: крадец на невести“ е приказна за вечно младиот и секогаш добро облечен принц на темнината, кој веќе триста години не може да си најде невеста.
„Авантурите на Финик“: многу луѓе не знаат дека во секоја куќа има фини крзнени суштества, кои живеат меѓу луѓето и се грижат за одржувањето на домот, на огништето. Тие се постојано присутни, но се невидливи за човечко око. Еден од нив е и младиот Финик.
Во „Мињони: подемот на Гру“ главен лик е Гру, младо момче што живее во предградието. Голем обожавател на супергрупата на супернегативци, позната како „Шесторица лоши“. За реализацијата на своите идеи тој добива безрезервна поддршка од своите лојални и хаотични следбеници – мињоните.
„Макс и бесната дружина“ е приказна за Макс, кој живее во замок за стари лица, Тој е единственото дете меѓу овие збрчакни и често намуртени луѓе, па на прв поглед неговиот живот тука се чини дека не е сосема „кул“.