Како и другите здрави навики, читањето повеќе книги е нешто што знаеме дека треба да го спроведеме на дело. Но во практика, често се чувствуваме премногу зафатени или премногу привлечени од платформи како „Нетфликс“ за да отвориме некоја книга. Науката не лаже, а тоа го потврдуваат резултатите од студијата објавена во списанието „Соушл сајенс енд медисин“ дека читателите на книги во просек живеат околу две години подолго од оние што воопшто не читаат. Во духот на оваа теза, постојат пет опипливи начини да прочитате повеќе книги во 2022 година.
Поставете си цели
Една од нашите идеи на денешната тема е да го одредиме бројот на прочитани страници дневно. Наместо да кажете дека ќе прочитате 50 книги оваа година, кажете си дека ќе читате по 20 страници секој ден. Поставувањето помали и поопипливи задачи ја прави крајната цел многу полесна за постигнување. Плус, не кажувајте им на луѓето за вашите цели. Иако одговорноста е голема, истражувањата покажаа дека објавувањето на вашите сопствени цели ја намалува веројатноста за реализација. Покажете ги своите вештини за читање, се разбира, само не кажувајте ги вашите намери гласно.
Внесете го времето за читање во вашиот календар
Без разлика дали се работи за 30 минути за време на појадокот, 45 минути додека вашето дете спие или еден час пред да заспиете, поставете одредено време за читање на вашиот календар. Тоа е нешто што го правите кога станува збор за други активности, па зошто читањето би било изземено?
Започнете или придружете се на литературен клуб
Покрај можноста секој месец да се гледаме со пријателите, литературните клубови поттикнуваат одговорност, бидејќи никој не сака да биде човек што не прочитал книга по договор. Ако одлучите да разговарате за една книга месечно, голема е веројатноста дека навистина ќе ја прочитате.
Секогаш носете книга со вас
Иако читањето на удобно место во вашиот дом е прекрасно, тоа не треба да стане услов за да отворите некоја книга. Читајте на различни места, секогаш кога имате неколку слободни моменти. Тоа може да значи прелистување на роман додека чекате пријател да се појави во ресторан или да прочитате неколку страници пред да започне филмот. Да, е-читачите и аудиокнигите исто така се бројат целосно.
Кога не ви оди, откажете се
Ако се наоѓате на страницата 30 од роман што навистина ве нервира, не двоумете се да се откажете од понатамошното читање. Сè друго е губење време и ја одзема забавата од она што треба да биде пријатна активност. Отфрлањето наслови што не ги сакате остава простор за оние за кои ќе се чувствувате возбудени. М.К.