Светот е сцена

Нови Сад во Србија, Каунас во Литванија и Еш на Алзет во Луксембург се европски престолнини на културата во 2022 година. Титулата се доделува по едногодишна пауза бидејќи пандемијата го измени календарот на нејзините носители.
Нови Сад е меѓу првите градови надвор од Европската Унија што ќе ја носи титулата европска престолнина на културата. Неговата целогодишна програма ќе почне на 13 јануари со „Дочек“ – уникатна уметничка прослава во Европа, која првпат ќе биде видена на овие простори. „Дочек“ ќе собере повеќе од 400 уметници од Србија и од цела Европа, промовирајќи го низ уметност наследството на големите научници: Никола Тесла, Милева Мариќ Ајнштајн, Милутин Миланковиќ.
Каунас, пак, е втор литвански град што ќе ја носи титулата европска престолнина на културата, која во 2009 г. ја имаше главниот град на државата, Вилнус, заедно со Линц во Австрија и норвешкиот Ставангер. Свеченото отворање на „Каунас 2022“ е закажано за 22 јануари. Околу 40 фестивали, повеќе од 60 изложби и 250 сценски настани и концерти ќе опфати програмата замислена како голема европска сцена.
Европска престолнина на културата во 2022 година ќе биде и Еш на реката Алзет, вториот по големина град во Луксембург. Церемонијата на отворањето ќе биде на 26 февруари и е насловена „Ремикс“.
Проектот „Европска престолнина на културата“ почна во 1985 година по иницијатива на Мелина Меркури, тогашната министерка за култура на Грција. Целта на иницијативата е да ги заштити и промовира разновидноста на културите во Европа, да го прошири пристапот и учеството во културата, да ги зајакне капацитетите на културниот сектор и да го подигне меѓународниот профил на градовите преку културата.