Во галеријата „Озоне“ во Белград, во присуство на многубројни гости, беше отворена изложбата „Мостови на уметноста: Вевчани – Белград“, која е во организација на меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“. Изразувајќи задоволство што присуствува на отворањето на изложбата на дела од познатата „Вевчанска колонија“, министерот за култура Зоран Љутков нагласи дека станува збор за посебен културен настан, кој не само што ги спојува Вевчани и Белград туку ги поврзува и уметниците, идеите и инспирациите, кои ги надминуваат границите.
– Вевчанската колонија е ликовна рефлексија на нашата богата македонска изворна традиција, која со љубов ја чуваме за идните генерации. Од скромните почетоци пред петнаесет години, неуморните вевчански уметници создадоа мост што поврза повеќе земји во регионот и во светот – нагласи министерот Љутков, потенцирајќи дека оваа изложба е моќен аргумент за важноста на културните врски меѓу нашите народи и потврдувајќи дека културата е вистински мост за меѓусебно разбирање.
На изложбата „Мостови на уметноста: Вевчани – Белград“ се претставени уметнички дела од над 25 македонски и српски уметници, кои преку својот творечки израз го доловуваат духот на заедништвото, дијалогот и креативната енергија што ја поврзува уметноста во овие две држави. Изложбата е резултат на долгогодишната успешна соработка меѓу уметничките заедници на двете земји, поттикната од Министерството за култура и туризам и од амбасадите на двете држави.