„Големата ноќ“ – нов краток филм
Краткиот филм „Големата ноќ“ е приказна за две тинејџерки што во една вечер поминуваат низ институционална авантура, соочувајќи се со културните разлики меѓу Балканот и Западна Европа. Креативниот тим на краткиот филм во развој „Големата ноќ“ е составен од режисерот Батухан Ибрахим, сценаристот Никола Кузелов и продуцентот Илија Тирицовски.
– Станува збор за кратка и интензивна приказна што носи голема порака. Жанровски сценариото се класифицира како социјална драма што навлегува во глобална тема преку опсервација на локални настани. Големата ноќ, како ноќта низ која минуваат ликовите претставува иронија сама по себе, а со тоа нѐ потсетува колку малку е потребно за светот околу нас целосно да се промени. Филмот би можеле да го гледаме како несреќна авантура на двете протагонистки, но и како метафора за еден систем во распаѓање. Би рекол дека станува збор за универзална приказна што не би можела да постои без локалните обележја во неа – вели сценаристот Никола Кузелов.
Филмот „Големата ноќ“ е во продукција на „Охо продукција“ и е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија. Сценариото е инспирирано од нашата реалност.
– Иронијата во која живееме е неисцрпна, иако, за жал, е реалност, за среќа, е одличен рудник за „копање“ приказни. Така, и „Големата ноќ“ е сценарио инспирирано од вистински настани. Но веќе подолго време размислувам за тоа дека ние сме целосно навикнати на апсурдноста што нѐ опкружува, што дури и стануваме слепи за неа и со тоа таа го губи својот интензитет. Мислам дека до толку длабоко пливаме во бесмисленоста и апсурдот на нашето општество, што речиси сме комфорни во него. Забележувам дека сите ние сме отрпнале на дисфункционалноста на системот и сме нераскинлив дел од него во улога на жртви што повеќе не чувствуваат – вели Кузелов.
Филмот успешно ја заврши етаблираната програма за развој на кратки играни филмови „Мидпоинт шортс“ на „Мидпоинт институт“ од Прага. Тоа е комплексна програма посветена на развој на сценарија на кратки филмови во Европа, со конекции од витално значење за филмската индустрија.
Со помош на искусни и докажани ментори за сценарио и професионален развој на проекти, програмата ги води проектите на нивниот пат до големите филмски фестивали. Исто така филмот беше дел од „Вен ист митс вест“, еден од најголемите копродукциски филмски форуми во Европа, кој обединува десетина програми низ кои поминуваат повеќе од 50 филма од светот што се во развој и подготовка и во четири работни дена во Трст собира повеќе од 600 професионалци од филмската индустрија низ светот. Голем дел од успешните филмски приказни во изминатава деценија тргнале токму од таму.
– „Мидпоинт шортс“ беше одлично искуство за нас како автори на филмот, но и одличен пат по кој тргна самиот проект. Станува збор за една од најдобрите програми за развој на сценарио, а ние имавме среќа да работиме под менторство на Павел Марек, режисер, актер, сценарист и професор на ФАМУ во Прага – вели сценаристот.