Од Сараево за „Нова Македонија“,
Екатерина Лазаревска и Александра Лашкова
Светлосна инсталација поставена од студентите на Академијата за ликовни уметности во Сараево, блесна синоќа на улицата Радиќева, во центарот на Сараево, во рамки на програмата „Фестивал во Центар”, на Сараевскиот филмски фестивал (СФФ).
Концептот на светлосната инсталација е поврзан со идејата граѓаните, случајни минувачи, да доживеат уникатно актерско и филмско искуство и барем на момент да бидат „ѕвезди“ за време на СФФ.
Улицата „Радиќева” во центарот на Сараево, всушност стана сцена на која настапуваат минувачите. Идејата, според студентите на Академијата за ликовни уметности во Сараево, ќе ги поттикне филмската магија и гламурот на фестивалот. Целта на светлосната инсталација е да ги вклучи случајните минувачи доближувајќи ги до ритамот на градот и искуството на фестивалот, додека трае СФФ.
Театарските рефлектори на „Радиќева“ ја осветлуваат замислената сцена, каде минувачите ќе го доживеат моментот на „магија на сцената“ , силно осветлени во „улогата која ја толкуваат”.
Инсталацијата претставува семестрална задача на студентите на четврта година на Академијата за ликовни уметности во Сараево, во рамки на предметот „Светлината и дизајнот”.
Инсталацијата со воодушевување беше поздравена од бројните случајни минувачи, кои за момент, според нивните зборови, се почувствуваа како филмски ѕвезди.
Автори на проектот се студентите Амина Пилав, Дарио Јурениќ, Ален Прањиќ и Ријад Дачиќ, а ментори професорот Срѓа Хирисафовиќ и асистентката Јасмина Мемиќ.