На 13 септември, во 20 часот, во Музејот на современата уметност во Скопје ќе биде отворена изложбата „Горчлив шеќер“ на македонскиот уметник Ѓорѓе Јовановиќ. Куратори на овој мултимедијален проект се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.
„Горчлив шеќер“ е најновиот комплексен мултимедијален проект на македонскиот уметник Ѓорѓе Јовановиќ. Проектот е составен од два дела, просторна инсталација и анимирани куклени претстави, осмислени како фрагменти од актуелната стварност и современиот живот, кои во себе содржат знаци, состојби и ситуации што истовремено функционираат во преиспитувањето на локалниот контекст, но овозможуваат и исчитување на влијанијата и меѓузависноста во глобалните текови.
Замислен како „тотално уметничко дело“, овој проект преку богат иконографски фундус и комплексна мрежа од релации, како и комбинирање на неколку уметнички дисциплини (визуелна уметност и експериментален филм, анимации и музика), се фокусира на продлабочувањето на врските помеѓу овие уметнички форми, како и на истражувањето на можностите за создавање нови уметнички содржини. Јовановиќ преку овој проект прави интегрирање на својата целокупна творечка практика, која опфаќа најразновидни изразни форми и медиуми, од цртеж и инсталација до перформативност и интерактивност. Проектот претставува синтеза и надградување на искуствата на историската авангарда, особено на дадаистичките и надреалистичките интервенции, во обид да ги трансформира и употреби во современиот контекст, обременет со предизвиците на (пост)пандемиска политичка и технолошка реалност. Преплетувањето на реалното и надреалното и екстремните точки на нивното среќавање се одразува и преку спојувањето на разните жанрови. Во просторната инсталација, која ја сочинуваат огромен број слики и објекти, како и анимациите што ја активираат, Јовановиќ создава повеќедимензионална наративна мрежа низ која многубројните протагонисти и различните состојби во кои се наоѓаат се трансформираат на едно друго ниво, како тотална слика за хаотичната современост.
Анимираните видеа се колекција од поетични, хумористични и трагикомични приказни, а работени според идеи на Јовановиќ, како и раскази од неколку претставници на поновата генерација македонски писатели (Румена Бужаровска, Петар Андоновски, Хана, Корнети, Алекс Букарски…). Во нивниот фокус се неизвесноста и игноранцијата, преку лични приказни, трагедии и неволји на луѓето на маргините и преку прикажување екстреми на човековото однесување во борбата и разбивањeто на стереотипите во патријархалното општество и потрагата по правда и слобода.
Овој проект, преку повеќеслојна и мултисензорна уметничка интервенција, има цел да отвори простор за преиспитување на меѓучовечките релации и да проговори за состојбите на локално и глобално ниво во услови на сложена општествена ситуација, која е одредена од голем број кризи и егзистенцијална неизвесност.
Ѓорѓе Јовановиќ (Скопје, 1980) има реализирано повеќе проекти во чиј фокус се прашањата за интеграцијата и дезинтеграцијата на современиот човек. Во своите дела тој ги преиспитува меѓучовечките односи во контекст на општата состојба на редефинирање на универзалните вредности, односот човек-општество и консумеризмот како клучен фактор на модерниот начин на живот, политиката како фактор на распаѓање на градовите, државите и семејствата. Присутен е и елементот на автореференцијалноста, како и преиспитувањето на себеси во потесен и поширок контекст на распадот на старите и создавањето нови вредности. Работи инсталации, перформанси, објекти, видеа, колажи и слики, за да постигне трансформација на уметничкиот израз и индивидуална експресија, следејќи ја флуидноста на современиот контекст.
Тој реализирал повеќе самостојни изложби во земјава и во странство. Добитник е на повеќе награди. Проектот се реализира со финансиска поддршка од Министерството за култура и од центарот за истражување и информирање за животна средина „Екосвест“
Изложбата ќе биде отворена до 10 февруари 2024 година.