Фото: Општина Битола

ОДБЕЛЕЖАНИ 58 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА МИЛТОН МАНАКИ

На Влашките гробишта во Битола, во организација на Комуната на Власите „Браќа Манаки“ и кино клубот „Студио Милтон Манаки“, денес се одржа чествување по повод 58 години од смртта на Милтон Манаки.

Во чест на првиот филмски снимател на Балканот и неговото големо дело, свежо цвеќе положија градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, претставници на Советот на општината, Културно – информативниот центар, Центарот за култура, Фестивалот Камера 300, Демократскиот сојуз на Власите, Кинотека на Македонија, државниот архив, како и претставници на дипломатскиот кор.

Градоначалникот Коњановски, информираше и за долгогодишната желба на претставниците на Комуната на Власите и кино клубот.

– Разговаравме за иницијативата, да се донесат посмртните останки на братот на Милтон Манаки, Јанаки Манаки, кој е упокоен во Солун. И дојдовме до заедничка идеја, во соработка со Република Грција, со градоначалникот на Солун, при идна средба, да се иницира таква идеја и доколку е можно, да се реализира. Ќе се обидеме тоа да го направиме – рече градоначалникот Коњановски.

Битола, покажува достојна почит кон Браќата Манаки и преку организацијата на ИФФК „Браќа Манаки“, но и со возообновувањето на киното „Манаки“, како дополнителен простор за кино проекции во кој се негува нивното дело.

Од Кинотека на Македонија на денешното чествување, нагласија дека филмските снимки на Браќата Манаки се највредното нешто, што кинотеката го чува во своите депоа, а истите се прикажуваат во земјата и странство. Наскоро, снимките ќе бидат прикажани во Љубљана, во словенечката кинотека, а се прават напори и за нивно прикажување на фестивал во Турција.