По 75 години барања за сопствен простор
Министерството за култура обезбеди простор за трајно сместување на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, со што му го реши деценискиот проблем на друштвото. Конечно, ДЛУМ добива свој галериски простор каде што ќе ги реализира своите традиционални изложби и ќе испровоцира многу нови идеи за збогатување на домашната сцена, како и соработки на меѓународен план.
– Денешниот ден за ДЛУМ е историски момент. По 75 години ДЛУМ добивме сопствен простор. Благодарност до министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која ни даде поддршка за да го добиеме овој објект. Денес и официјално помина и на Владата и навистина трајно се реши долгогодишниот проблем на ДЛУМ да добие сопствен простор – изјавија кратко од друштвото, најавувајќи соопштение и официјален прес од објектот.
Новиот простор за ДЛУМ се наоѓа на улицата Илинденска, а е објект за кој ДЛУМ достави барање до Министерството за култура како можност за трајно решение и на нивниот децениски нерешен статус.
– Огромно е задоволството што успеавме да ја реализираме идејата ДЛУМ да го добие овој објект на атрактивна локација, со што правиме историски исчекор во зацврстување на статусот на најстарото еснафско уметничко здружение во земјава и создаваме услови за негово современо развивање и иднина. Искрено верувам дека во својот дом, по децениско талкање и барање соодветни услови за работа, многубројните членови на ДЛУМ, наследници на основоположниците на ликовната уметност кај нас: Мартиновски, Личеновски, Димитар Андонов-Папрадишки, Поповиќ-Цицо, Љубомир Белогаски, Вангел Коџоман, Михајло Шојлев, ќе најдат нова инспирација за ново и возбудливо творештво. Верувам дека оваа куќа на Илинденска ќе стане едно од централните места за афирмација на македонското современо ликовно творештво од каде што ќе се создадат нови дела, кои далеку ќе ја афирмираат нашата култура – вели министерката за култура Костадиновска-Стојчевска.
По формирањето во 1946 година, ДЛУМ ги имаше салонот под Калето, галеријата во ГТЦ и уште неколку обиди за удомување како потстанар во разни објекти што не ги исполнуваа условите за галерија. До оваа одлука за трајно решавање на просторот, ДЛУМ користи канцеларија во Домот на АРМ во Скопје и плаќа надомест за своите изложбени активности.
На завчерашната седница, Владата донесе одлука за давање на трајно користење простор на Здружението за афирмација на ликовното творештво, организација на ликовниот живот и збогатување на ликовната култура, Друштво на ликовните уметници на Македонија – Скопје.